ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/21/22 12:11 PM

По 74 дена поминати во болница, конечно дома – Викторија со само 700 грама е најмалото родено бебе во 2022 година

По 74 дена поминати на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено роденото бебе Викторија, на 18 март замина дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции.
-Трудницата која е прворотка беше хоспитализирана на ЈЗУ УГАК – Скопје на 27 декември, минатата година. Бременоста и беше оптоварена со повеќе ризици, а породувањето се изврши спонтано.
Бебето беше родено на четврти јануари, предвремено во 26 гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 700 грама, со должина од 28 сантиметри и со апгар 3/5/5. На 18 овој месец од Клиниката за гинекологија и акушерство беше испишано со 2.200 грама телесна тежина, велат од ГАК.
Тие нагласуваат дека во периодот на престој на одделенијата, новороденчето имало комплексен третман.

-Во интензивниот третман применета е механичка вентилациона поддршка во првите 21 ден од раѓањето.Потоа беше ставено на кислородна поддршка со неагресивна механичка вентилација до 67-от постнатален ден, со постојан мониторинг на виталните функции и кислородна заситеност со пилсоксиметрија и гасни анализи. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и го испративме од У ГАК со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот, додаваат тие.
Бебето беше испишано во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално.
-Нашата најмала хероина во 2022 година првпат влезе во својот дом во Скопје изминатиот петок, по 2,5 месеци поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот од педијатри/неонатолози, медицински сестри и акушерски секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив, велат од ГАК.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1