Фирма за лифтови со лажен ИСО сертификат добила над 90 тендери вклучувајќи и во болници - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/15/22 12:34 PM

Фирма за лифтови со лажен ИСО сертификат добила над 90 тендери вклучувајќи и во болници

Жалба по тендер во Општата градска болница во Скопје доставен до Државната комисија за спречување на корупција откри фирма, која со лажен сертификат за ИСО стандарди монтирала и сервисирала лифтови по болници и други јавни установи. Проверката на ДКСК покажа дека оваа компанија и двете сродни, добиле над 90 тендери.

Антикорупционерот Владимир Георгиев на денешната седница на ДСКС ја изнесе целата шема на делување. Фалсификатот е направен на начин што физичко лице, лажно се претставувал како застапник на хрватска фирма фирма за монтажа и сервисирање на лифтови, во официјалната документација за учество во јавната набавка закачил фалсификуван сертифкат, фалсификувано овластување, а дополнително фалсификувал печат и потпис на директорот на хрватската фирма.

Комисијата за јавни набавки на болницата поради сомнение за фалсификат, ја отфрлило понудата на оваа фирма, која потоа вложила жалба во второстепена постапка, а поднел претставка и до ДКСК.

Меѓутоа, овој потег се покажал како контрапродуктивен. Антикорупциска тргнала со проверка на документите, а побарала и одговор од хрватската компанија, за која жалителот лажно се претставувал дека е нејзин застапник.

-За валиден се смета одговорот на хрватската фирма и одговорот од акредитација.хр, со што е утврдено дека таа хрватска фирма поседува сертификат, а не лажната фирма која ги издавала во Македонија. ДКСК утврди дека се’ е фалсификат, соопшти Георгиев.

Проверката утврдила дека и други компании се пожалиле дека спомената македонска фирма со лажни, фалсификувани документи и сертификати добива тендери.

-Во периодот од 2018 – 2022 година овој економски оператор со лажни документи и фалсификуван сертификат има добиено околу 90 тендери за монтажа или сервисирање на лифтови. Со тоа постојат основи на сомнение дека овој економски оператор го искористил лажниот сертификат да добие тендер. Овој економски оператор е поврзан со уште две други компании за лифтови од Скопје, затоа што управителот на лажната фирма е сопственик на тие две, реферираше Георгиев.

ДКСК ќе упати предлог до Обвинителството за покренување на кривична постапка против компанијата за делото 275 в од Кривичниот законик. Според овој член Судот може да изрече забрана за вршење на професија, парична казна и забрана на фирмата да учествува во јавни набавки.

Членовите на ДКСК констатираа дека има слабост во системот, поради тоа што Комисијата за јавни набавки нема обврска да ги проверува валидноста на сертификатите.

Според нив, ова е класично кривично дејание и се надеваат дека Обвинителството ќе оди подалеку, ќе се наврати наназад и ќе ги открива каналите и ако делувале криминално, дека ќе се открие не само по јавни институции, туку и во домувањето, во зградите и многу експресно ќе постапи ЈО. Групата очигледно ја знаела слабоста на системот и со лажни сертификати, можеби го загрозуваат животот на граѓаните.

Како да се спречи оваа компанија со лажен сертификат да добива и понатаму тендери, додека да реагираат институциите, беше прашањето што се дискутираше, по што беше даден предлог да се испрати писма со предупредување до институциите, со цел да бидат информирани кога ќе барат компанија за монтажа и одржување на лифтови.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7