ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/10/22 3:51 PM

Леб, масло и брашно во продажба по набавни цени, забранет извозот на масло за јадење

Лебот, зејтинот и брашното тип 400 од денеска ќе се продаваат по набавна цена, додека за дел од основните прехранбени производи се намалува профитната маржа во трговијата на големо од 5 на 4 проценти и во трговијата на мало од 10 на 3 проценти.

Намалувањето на маржата се однесува на белиот шеќер, трајното крајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо, сувемеснатите производи, како што се салами, виршли и колбаси, сирењето, урдата, оризот, јајцата и паштетите и макароните.

Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки веќе е објавена во Службен весник и ќе важи до 31 мај.

Намалувањето на маржите, како што денеска изјави министерот за економија Крешник Бектеши, е направено во договор со најголемите ланци на супермаркети и најголемите трговци на овие основни прехранбени производи.

– На ваков начин, Министерството за економија во соработка со стопанските комори и со трговците се обидуваме и правиме напори да биде помал притисокот врз зголемување на цените и на таков начин да го заштитиме стандардот на граѓаните, рече Бектеши.

Од одлуката се изземени пченицата, овошјето, зеленчукот и солта. Пченицата е изземена заради тоа што таа ќе се увезува од Србија, со што ќе има континуирано снабдување и испорака на пченица во договорените количества што ги имаат трговците, а овошјето и зеленчукот не се опфатени затоа што се очекува со новата пратка од Турција да поевтинат овие прехранбени продукти.

Како времена мерка од синоќа целосно е забранет и извозот на маслото за јадење, бидејќи проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државата се извезени 330 тони. Постои можност ваква забрана да има и за брашното, пченицата и пченката бидејќи има побарувачка за извоз од соседните и европските држави.

Дополнително во вторник, како што брифираат од Министерството за економија, најверојатно ќе се донесе мерка да се увезува маслото за јадење од сите држави со нула проценти царина бидејќи сега, согласно договорот со ЦЕФТА, за него не се плаќа царина при увоз само од земјите членки на ЦЕФТА, додека за другите држави царинската тарифа е 29 проценти. Со оваа мерка се очекува да се зголеми конкурентноста на пазарот и да се стабилизира цената на маслото за јадење.

Од Министерството за економија апелираат до пратениците што поскоро да ги донесат и законските измени со кои треба да се намали ДДВ-то за основните прехранбени производи од пет на нула отсто, за нафта и нафтени деривати од 18 на 10 отсто, како и да се намали акцизата за горивата.

– Не е време за политиканство. Сите мерки што вчера беа презентирани од страна на претседателот на Владата и на ресорните министри веќе се пратени во Собранието и би сакал да ги повикам сите пратеници што побрзо да ги усвојат законските измени во делот на Законот за ДДВ и во делот на Законот за акциза, кои согласно процедурите во Собранието, ако има добра волја од сите страни, може да се донесат и утре и да излезат во „Службен весник” и веќе од задутре да важат, изјави министерот Бектеши.

Владата вчера презентираше 26 мерки за ублажување на последиците од најголемата економска криза досега. За дел од нив, потребни се законски измени кои мора да се донесат во Собранието.

МИА

фото: ММС

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7