Ќе гинат ли за 3.000 евра македонски државјани во Украина? Што вели нашиот закон?
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/8/22 10:44 AM

Ќе гинат ли за 3.000 евра македонски државјани во Украина? Што вели нашиот закон?

Повикот, што на 24 февруари го упати претседателот на Украина Володимир Зеленски за приклучување на странски борци во Меѓународната легија за одбрана на Украина предизвика полемика во македонската јавноста. Се коси ли Кривичниот законик, каде во 2014 година беа направени измени, според кои, како кривични дела се воведоа учество во странски војски и терористички организации како и врбување и обука на лица на учество во странски војски за кои се предвидени казни од три до пет години затвор (чл. 322 од КЗ).

На овој член од законот се повикаа некои од корисниците на социјалните мрежи, откако Украинската амбасада во Скопје го објави повикот за регрутација на платеници, пренесувајќи детални информации за пријава со инструкции за влез во државата. Месечна плата од 3000 евра, обука во тренинг камп, тригодишен договор, а по неговото целосно исполнување добивање на украинско државјанство, е понудата од Зеленски. До почетокот на март, според новинарските извештаи на Украинската легија и’ пристапиле 17.000 странски борци од 27 земји. Во оваа листа ја нема Македонија.

Повикот на Зеленски и Украинската амбасада во Скопје за учество на наши граѓани во Руско-Украинскиот воен конфликт се коси со кривично-правните одредби од нашето позитивно кривично законодавство. Меѓутоа, сепак законодавецот прави исклучок, во став 8 од истото дело каде што вели дека нема да се казни сторителот од став 3 на ова дело кој има државјанство на државата  во чии регуларни воени или полициски формации учествува или кој е член на воени или паравоени и полициски формации под контрола на меѓународно признати влади или меѓународни организации.

Овој дел од Кривичниот законик го цитира професорот на Факултетот за безбедност, Миодраг Лабовиќ, прашан од ММС да ја расчисти дилемата во јавноста. Секако тука е и прашањето за идентичноста на учеството во Украинската легија со борењето за ИСИС во Сирија, Ирак и Авганистан. Токму поради учеството на наши државјани како борци на страната на ИСИС ги иницира законските измени.

-Од формално – правен аспект одредбите од кривичното законодавство важат спрема сите субјекти  и во сите случаи, (erga omnes), така што без оглед дали се работи за учество на наши граѓани во Руско-Укараинскиот конфликт или се работи за борците на ИСИС, тие еднакво треба да паднат под ударот на ова кривично дело. Имајќи ги предвид овие недвосмислени кривично-правни одредби, не би требало никој да западне во замката на разните идеолошко-политички перцепции и вредносни убедувања за разните меѓународни случувања, помеѓу кои постојат одредени сличности, но постојат и големи разлики, гледано од аспект на правдата, како една од најапстрактните и најсложени категории, која што најчесто зависи од моралните, вредносните и идеолошко-политичките матрици од кои се тргнува во (пре)оценување на меѓународните настани, процеси и односи, како и од  верските и етнички  предрасуди кои дополнително ја обременуваат објективната димензија на категоријата – правда, вели професорот Лабовиќ.

Во текот на 2020 и 2021 година македонските органи процесуираа неколку случаи со борци на ИСИС од Македонија, додека дел завршија во затвор. Во однос на повикот од Украинската амбасада, професорот Лабовиќ изјави дека го нема изворно видено до сега, но доколку се точни наводите, смета дека од формално – правен аспект постои повреда на кривичното дело чл 322 -а од КЗ.

-Меѓутоа, не верувам дека заради поширокиот гео-политички контекст, надлежното јавно обвинителство кривично-правно би го процесуирало овој случај против Украинската амбасада , како правен субјект, ниту против поединечни претставници на ова дипломатско-конзуларно претставништво во нашата земја, туку во најмала рака,  овој случај би можел да се затвори со упатување на вербална нота до Украинската амбасада да ги прекине и да не продолжува понатаму со инкриминираните дејствија, одговори Лабовиќ.

На листата од 27 земји што ја објавија украинските медиуми, од регионот, има платеници од Србија, Хрватска, Албанија.
Командантот на Украинската легија на одбрана, Мамука Мамулашвили, ветеран од 4 конфликти со Русија за ТВ WION вели:
„Имаме апликации од многу различни земји, дури и од Индија. Интересно ми е што е тоа што ги мотивира луѓето да помогнат на Украина“, кажа Мамулашвили.
На повикот за регрутација на странски борци во Украина, одговори Русија со предупредување до странците кои планираат да се борат со руските сили во Украина дека ќе се соочат со кривично гонење во случај да паднат во руско заробеништво.

-Сакам официјално да нагласам дека платениците испратени од Западот да му помогнат на националистичкиот режим во Киев (…) немаат право на статус на воен затвореник“, рече портпаролот на руското Министерство за одбрана  Игор Конашенков , додавајќи дека секој странец „треба да мисли седум пати”.


прилог на WION -The World is One News за тренинг кампот на Грузиската легија каде се обучуваат платеници за во Украина 
Сепак, според некои толкувања, повикот за странско засилување на украинската страна  потсетува на меѓународното учество во Шпанската граѓанска војна од 1930-тите, кога заминале и многу доброволци од овие краеви.  Според британскиот весник „Гардијан“, повеќето од странските борци во моментов во Украина доаѓаат од други пост- советски земји, како Грузија и Белорусија.

„Западните борци кои дојдоа во Украина се шарена екипа. Има идеалисти кои веруваат дека нивните земји не прават доволно за да им помогнат на Украинците да ја обезбедат својата слобода. Има туристи кои скокаат од конфликт во конфликт барајќи авантура, воени приказни и пари. А има и екстремисти кои виделе можности да се поврзат со екстремно десничарски паравоени групи кои се борат во Украина, пишува „Гардијан“.

Весна Коловска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7