Лани имало 48 жртви на трговија со луѓе, од кои девет деца
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 02/22/22 2:55 PM

Лани имало 48 жртви на трговија со луѓе, од кои девет деца

Mинатата година биле идентификувани 48 жртви на трговија со луѓе во државава, од кои 39 по потекло од Тајван, а останатите девет биле деца. Toa го осочи денеска заменик-народниот правобранител Јован Андоновски на конференцијата по повод Европскиот ден на жртвите од криминал, 22 февруари, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.
Тој информира дека од жртвите, три се деца од Скопје, две возрасни лица од Велес, една постара жртва е од Русија и по едно дете е од Куманово, Кичево и Прилеп.
„Местото на експлоатација се различни локации низ градови на територијата на земјава. Во текот на 2021 година идентификувани се и две наши државјанки кои биле експлоатирани во Белгија и во БиХ. Во однос на родова застапеност, повеќето жртви се жени или девојчиња, кои најчесто се жртви на двојна, комбинирана експлоатација – сексуално искористување и трудова експлоатација. Во изминатата деценија, за одбележување е континуирана појава на договорни или присилни бракови кај децата, која продолжува“, посочи Андоновски.
Според него, во најголем дел се работи за сексуална експлоатација што најчесто се врши во угостителски објекти и ноќни клубови, потоа трудовата експлоатација преку присилна работа во угостителски објекти, комбинирана со сексуална експлоатација, и трудова експлоатација за потребите во земјоделието, сточарството, присилно питачење, како и присилни бракови.
–Најчесто се работи за женски деца од ранливите категории, кои станале жртви поради разни општествени, економски и социјални фактори, како: сиромаштијата, половата дискриминација, семејното насилство или лични состојби на жртвата, како што е возраста, здравствената состојба, лица со посебни потреби и слично, рече тој.
Извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска, рече дека Северна Македонија во извештајот на Стејт департментот е констатирана како држава којашто не ги исполнува минималните стандарди за да може да се справува со овој феномен. Според неа, на оние кои им е дадена задача да го спроведуваат законот, тоа не го прават на начин на кој би довел до позитивен исход. -Државата и покрај тоа што ги има сите неоопходни алатки, не води сметка за ранливите групи кои стануваат жртви на трговија и како земја се соочуваме со феноменот на неказнивост што влијае одредени кривични дела да остануваат на ниво на неможност да се справиме со тоа, рече таа.
Јасмина Рајковска, извршна директорка на „Отворена порта / Ла страда“, рече дека старосната граница на жртвите на трговија со луѓе е намалена, најголем број се жени, но во изминатата година се и деца на возраст од 12 до 18 години, и токму затоа посебен фокус е ставен на директниот контакт на децата со младите, на врсничка едукација, дистрибуција на превентивни материјали меѓу младите и децата.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7