Разрешениот директор на штипската гимназија добил решение со кое бара да биде вратен на позицијата - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 02/18/22 4:36 PM

Разрешениот директор на штипската гимназија добил решение со кое бара да биде вратен на позицијата

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен му ја уважила жалбата на разрешениот директор штипската гимназија, Тамер Јамаковски, кој пак сега бара да биде вратен на позицијата. Тој пред новинарите прочита делови од решението на Комисијата.

„Државната комисија оцени дека градоначалникот неправедно ја утврдил фактичката состојба и неправилно го применил материјалното право, кога со обжаленото решение го разрешил жалителот од функцијата директор“.

Јамаковски потсети на тврдењето на градоначалникот Јорданов, дека просветниот инспектор наредил да биде променет, што според Јамаковски, стои сосема спротивно во решението на Државната комисија. Јамаковски го презентираше и делот кој се однесува на известувањето од  Просветниот инспекторат до Комисијата:

„Произлегува дека жалителот (Јамаковски) постапил во целост според дадените насоки и не постои основа за негово разрешување“

Поради тоа, Јамаковски побара од градоначалникот да одговори:

-Зошто ова решение добиено на 7 февруари се крие и до сега не е постапено по него иако одлуката е правосилна и стапува на сила веднаш? Второ – доколку како човек има чести и доблест барам јавно да ми се извини за сите лаги, клевети и невистини кои ги кажа на моја сметка, со што го наруши мојот личен имиџ. И трето, доколку ги почитува законите, очекувам во најкратко рок да ми достави решение со коешто ќе бидам на позицијата директор на гимназија „Славчо Стојменски“, рече Јамаковски.

Одговор на поставените три прашања стигна од Општина Штип:

-Градоначалникот на Општина Штип на 3 декември 2021 година донесе решение, како резултат на колективна одлука и препорака на Училишниот одбор на Гимназијата „Славчо Стојменски“. Исто така, не би сакале да коментираме прес конференции, ниту одлуки на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, меѓутоа би сакале да го акцентираме фактот дека Претседателката на споменатата Комисија е всушност Претседателка на Општинската Организација на СДСМ во Велес, кое всушност ја донесува во прашање објективноста при донесувањето на ваквата дискутабилна одлука, одговорија од Општината Штип.

Тамер Јамаковски беше првиот директор на образовна институција, кој беше разрешен со промената на локалната власт во Штип. Во исто време, тој беше и последниот избран на распишан конкурс од групата на училишни директори. Со гимназијата сега раководи в.д. директор.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7