ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 02/11/22 2:52 PM

„Срамно, сакаат да ме понижат и мене и олимпискиот успех“ – Дејан Георгиевски незадоволен од одлуката на Агенцијата на млади и спорт

Освојувачот на сребрениот медал од последните Олимписки игри, Дејан Георгиевски доби само 350.000 денари од Агенцијата за млади и спорт и веднаш на социјалните мрежи го искажа своето незадоволство.

Агенцијата за млади и спорт го објави списокот на добитници на спортските ваучери за 2022 година. Двократниот европски ракометен првак Вардар доби нешто помалку од 300.000 евра, што е најмногу меѓу клубовите, а кај федерациите, најголемата помош отиде кај Ракометната федерација на Македонија која ќе има на располагање 250.000 евра.

“Фала му на Господ тренирам како никогаш до сега, живеам за моментот кога повторно ќе ја израдувам Македонија, роднините, пријателите, целиот народ !

Тренерите, клупските другари сите сме фокусирани на Париз, ние сме одлучни, Господ ќе реши.

Овој пат сакам да се обратам токму на мојот народ, на новинарите, на сите оние кои се радуваа заедно со мене кога стигнавме до историскиот сребрен медал, се обраќам до сите оние кои конечно по долгиот олимписки мрак видоа светлина за македонскиот олимписки спорт, до сите што се почуствуваа горди и исполнети, до сите оние кои кога го видоа македонското знаме на олимпискиот трон се почуствуваа македонски !

Очекувано бев прогласен за најдобар спортист во 2021 година, но ни малку не очекувано денес дознав дека спортските ваучери кои ги доделува АМС т.е вчерашната одлука за ваучери се надевам не свесно цели да го понижи мојот, нашиот олимписки успех, мојот олимписки сребрен медал, прв во историјата на независна Македонија.

Никогаш нема да си дозволам да нападнам било чив спортски успех, најпрво затоа што така ме воспитале моите тренери, а потоа затоа што многу добро знам што значи спортскиот витешки мегдан, без разлика за кој спорт станува збор.

Но, никако не можам да раберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно !“, напиша Дејан Георгиевски на  Фејсбук.

Тој бара оваа непревда да биде решена од принципиелни причини и затоа што му требаат финансии за да се подготви за одбрана на сребрениот медал од Токио и напад на златниот во Париз во 2024 година.

„Барам за да го одбранам со крв донесениот историски сребрен медал од Токио, барам јас Дејан Георгиевски олимпискиот сребрен медалист, но сакам заедно со мене да побарате и сите вие затоа што овој успех, овој олимписки медал, овој остварен олимписки сон ни припаѓа на сите нас, и никој, апсолутно никој нема право да фрли сенка на истиот. Почитувани,  никогаш парите не ми биле мотив, мотивот ми е Македонија ! Одиме во Париз, одиме по ЗЛАТО !“, порача теквондистот кој на Македонија и го донесе првиот сребрен медал во спортска и олимписката историја.

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1