Танц на кормораните и пеликаните - Дојран убав и срде зима
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/29/22 2:48 PM

Танц на кормораните и пеликаните – Дојран убав и срде зима

Ниските температури и ветерот кој во зима по неколку денови во континуитет е присутен на југот, допринесоа да подмрзнат делови од крајбрежјето на Дојранското езеро.

-Оваа зима засега не е ни блага, ни остра, велат мештаните, туку сувиот студ предизвикан од ветерот и минусните температури создаваат свои зимски пејсажи во природата на овој крај. Дополнителна атракција се и птиците кои групирани во цели јата се распоредени на точките каде што има завет и каде што може да најдат свежа риба за прехрана, вели набљудувачот на езерото од УХМР, Златко Талески.

Карактеристичните пеликани и корморани, големата бела чапја, и други видови специфични за езерските краеви деновиве се редовни жители во водите на езерото и секој минувач им се восхитува бидејќи одблиску ги гледа.

– Езерското ниво во моментот бележи надморска височина над просекот, бидејќи и натаму се полни во континуитет преку хидроцентралата, а притоа истек на водата нема, каналот од соседната страна е се уште затворен. Температурата на водата е 3 степени, а кога нејзината температура е нула таа замрзнува на мала длабочина, додека на -1 до -2 степени замрзнува и подлабоко. Птиците, пак, се предзнак за тоа дали доаѓа студена зима. Ако налета јато диви гуски, знаеме дека за три до пет дена ќе има многу студено време. Исто така, штом пеликаните се прибираат во голем број на едно место, значи фаќа ладно време таму од каде што дошле, а кај нас било потопло па затоа се подместиле на нова локација – вели Талески.

Птиците пред се одат на места кои „чуваат“ риби, а притоа на локацијата треба да има и плитка вода, завет од ветерот, но некои, како кормораните бараат и гранки во близина, бидејќи тие живеат на дрвја, објаснува набљудувачот.

– Пеликаните, пак, за разлика од кормораните кои излегуваат на суво, се постојано во вода. Тие подолг временски период прават прегледност на теренот и кога ќе бидат сигурни, може да излезат на суво. Кормораните се многу лакоми и јадат по две три кила риби на ден. Па затоа при набљудување ќе видите како корморанот ја повраќа рибата што лакомо ја изел, а пеликанот ја грабнува. Може и по 40 птици да се соберат, а се местат и таму кај што има рибари и им ги крадат рибите дури и од мрежите  – вели Талески.

Во летниот период овие птици не можат да се сретнат во Дојран, бидејќи се преместени во солените води каде се гнездат и се размножуваат, а во слатките води доаѓаат на презимување.

(Р.Ш.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7