ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/28/22 8:42 PM

Ке има ли гондола од Тетово до Попова Шапка? Некоординираност меѓу локалната и централната власт за зимскиот центар

Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами, поднел барање до повеќе светски компании за изградба на нова гондола од Тетово до Попова Шапка. Тој на денешната јавна дебата рече дека веќе една од нив испратила одговор. Колку овој проект би изнесувал, градоначалникот се уште нема прецизен одговор, но направи споредба со изградба на друга жичница во соседна земја.

-Една слична гондола во соседна држава изнесува 13 милиони евра,  се работи за жичница долга 9 километри ,а должината на нашата жичара кога би се одело по старата траса е над 6 километри.Доволно е што општината има волја засега за овој проект, за финансии и за се друго ќе најдеме можности, рече Касами.

И додека Касами разгледува можности и е во координација со компании за изградба на гондолa, неодамна дел од владините министри истакнаа дека годинава се издвоени средства од владата за идеен проект,за изградба на гондола Тетово – Попова Шапка.

Ваквата слика на некоординираност на централните и локалните власти можеше да се забележи и денеска на јавната дебата за развој на ски центарот, која ја организираше Општина Тетово, каде немаше ниту еден владин преставник.

-Добро е да се дебатира, но на почеток има еден проблем, а тоа е некооперативноста меѓу сите чинители, па ако сакате меѓу локалната и централната власт, дека Попова Шапка е од државен интерес, а самото неприсуство на министрите ја покажува таа некооперативност.Проблемот со паркирањето за мене е нешто најболно. Жално е што менаџерскиот тим не успева да го реши тоа иако има некои помрднувања, но недоволни. Ако ме прашувате мене јас сум противник за трошење на пари за израдба на гондола. Првин треба тука да се уредат некои основни работи, па потоа гондола, оти таа жичара чини пари со кои може целосно се обнови центарот, истакна Валентин Тасевски граѓански активист, учесник на дебатата.

Од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка, на дебатата побараа уредување на инфраструктурата како нешто најпримaрно за центарот, како и изградба на гондола, со која би се решил проблемот со недостигот на паркинг простор. Апелираа за што поскоро донесување на новиот детален урбанистички план, со кој би се отвориле можности за изградба на нови сместувачки капацитети, оти без нив бадијала се нови гондоли, жичниcи и ски лифтови, ако нема каде да се сместат гостите.

Фото и текст: Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1