ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/28/22 12:39 PM

Нема пари за нови ПВЦ прозорци и печки на пелети, тие ќе одат за сметки за струјата на сиромашните

Годинава нема државни субвенции за потопли станови и за пониски сметки за струја. За фрлање на старите и за вградување на нови ПВЦ прозорци, купување на печки на пелети, ставање на фотонапонски или термални панели за домаќинствата, секој сам ќе си плаќа од џеб. Во буџетот имаше, а сега нема пари за оваа намена.

Овие лани планирани средства, сега ќе се употребат за субвенционирање на потрошената струја за ранливите домаќинства, по 600 или по 800 денари од сметките на околу 7.500 домаќинства. Станува збор за пренамена на милион евра.

„Поради недостигот со електрична енергија и прогласувањето на кризна состојба во земјава, мерките од Програмата за енергетска ефикасност што ги спроведува Министерството за економија (субвенции за печки на пелети, субвенции за замена на стари прозори со алуминиумски или ПВЦ и субвенции за сончеви и термални колектори) во 2022 година не е предвидено да се спроведат“, велат за ММС од Министерството за економија. Објаснуваат дека, средствата од буџетот што биле предвидени за овие субвенции се пренаменети за мерката за финансиска поддршка за потрошена струја за лица со ниски примања за 2022 година, за што имаше јавен повик. За оваа мерка е предвидено да се потрошат 60 милиони денари.

Единствена мерка што се планира за оваа година е за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на струја, со јачина до 4 киловати и за сопствена потрошувачка на домаќинства. За оваа мерка се предвидени 30.000.000 денари (490.000 евра), посочуваат од таму.

„Отворена е можноста, ако кризата со електричната енергија заврши во втората половина од годинава, дополнително да се обезбедат средства за реализирање и на мерките субвенции за печки на пелети, замена на стари прозорци со алуминиумски или ПВЦ и субвенции за сончеви и термални колектори“, велат од Економија.

Инаку, за истите овие субвенции минатата година од буџетот беа обезбедени 66.240.000 денари или околу 108 илјади евра. Овие средства целосно се искористија, а најголем интерес имало за субвенции на трошоците за купување и вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци и за печки на пелети во домаќинствата, најголем дел од Пелагонискиот и од Скопскиот регион. Субвенцијата по домаќинство за печка на пелети беше од 20-25.000 денари, исто колку и за ПВЦ или алуминиумски прозорци.

Од 2016 година кога почнаа да се делат субвенции за енергетска ефикасност, заклучно со 2020 година, вкупно се потрошени 273.000.000 денари буџетски средства или 4,4 милиони евра.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1