ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/28/22 7:59 AM

Комеморација за Александар Џамбазов

Комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов (03.02.1936 – 25.01.2022) денеска ќе се одржи во фоајето на Националната опера и балет.

Организатор на комеморацијата е Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и МРТ. Џамбазов ќе биде погребан на Градските гробишта во Бутел во 12 часот.

Александар Џамбазов почина на 25 јануари 2022 година на 85-годишна возраст. Тој беше истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика.

-Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Тнацовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија. Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славајче”, соопшти СОКОМ.

Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1.450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија.

Добитник е на голем број стручни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври”, наградата „13 Ноември”, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев” на Сојузот на композиторите на Македонија.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1