ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/27/22 1:58 PM

Минималецот од 18.000 денари ќе биде за кусо време, преговорите почнуваат в понеделник, изјави Тренчевска

Заложба на Владата е минималната плата во износ од18 илјади денари да се покачи во најбрз можен рок, а до 20 илјади денари до крајот на мандатот. Ова го најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање.
Таа не прецизира кој би бил најкусиот рок за покачувањето на минималната плата, туку рече дека прво треба да се постигне договор со социјалните партнери, за да се дојде до решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни.
„Ќе отвориме дијалог на Економско-социјалниот совет, со синдикатите и со работодавачите и преку него ќе дојдеме до најповолното решение и за работниците и за работодавачите. Во понеделник ќе имаме состанок со синдикатите, заедно со вицепремиерот Битиќи и со министерот за економија Бектеши. Ќе го отвориме прашањето и се надевам дека ќе дојдеме до решение кое што ќе биде поволно и за синдикатите и за Владата и за работодавачите“, рече Тренчевска, додавајќи дека социјалните партнери ќе ги кажат и роковите од кога ќе почне да се применува зголемениот износ на минималецот.

Тренчевска на денешната презентација на студијата за „Минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз работење на фирмите“, во организација на Сојузот на синдикатите, поддржана од Фондацијата Фридрих Еберт, рече дека оваа анализа доаѓа во вистинско време кога отворено се зборува за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

„Со соодветно ниво на минималната плата ќе ги мотивираме вработените да имаат поголема продуктивност при работењето. Оправданоста за утврдување на оптимално и прифатливо ниво на минимална плата е поради тоа што секој работник, покрај тоа што бара работа, сака да биде среќен и задоволен со исплата на плата која ги задоволува неговите животни потреби“, рече таа.

М.Т.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1