ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/27/22 10:11 AM

„Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо“ – Државниот обвинител добил писмо од терористичка организација која му се заканува по животот

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески вчера преку преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот од терористичка организација!

Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување.

„Поставуваме барање и конечен ултиматум, а тоа е веднаш да се ослободат двајцата новинари на Алфа телевизија кои се повикани за никакво злодело освен да ја информираат нивната огромна публика ширум северна Македонија за кажување и разоткривање на вистината за сите злодела и неправди на Зоран Заев“, пишува во писмото кое ЈОРСМ го достави до медиумите.

Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата.

„Љубомир Јовески ослободете ги и веднаш ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземе животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, пишува во писмото кое е напишано со многу граматички грешки.

Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.

Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката.

Јавниот обвинител ја става на увид на јавноста содржината на писмената пратка која ја добил на 26.1.2022.

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1