ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/27/22 11:10 AM

Ќе јадеме ли уште пет дена евтин леб, а после бајат? Владата молчи за замрзнатите цени

Помина и вчерашната седница на Владата, а граѓаните се се уште во исчекување дали од понеделник ќе се одмрзнат цените или ќе има нови ценовни шокови. Од Министерство за економија за ММС велат дека се уште не се разговарало на таа тема, се следи состојбата со цените, а ако има нешто ново, јавноста навреме ќе биде информирана.
Во декември минатата година Владата донесе одлука до 31 јануари годинава да бидат замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто, на месото, сувомесните производи, сирењето, урдата, оризот, јајцата и тестенините. Цените до крајот на месецов треба да останат на истото ниво од 1 декември 2021.
Одлуката за ограничување на цените на примарните производи на слободниот пазар беше иницирано од енергетската криза односно поскапувањето на струјата на светските берзи и зголемените трошоци на компаниите. Тоа предизвика раст на цените на храната во последните месеци од минатата година и до намалување на потрошувачката моќ на граѓаните, а со тоа и до тенчење на семејниот буџет.
„Треба да се продолжи рокот на замрзнати цени, иако и со такво ниво на цени, се потешко се живее и едвај се врзува крај со крај во месецот, при исти плати со години. Ако сме во економска и енергетска криза и ако мораме да плаќаме високи сметки за комуналии, барем цените на основните прехранбени производи да не растат“, вели скопјанката Г.Т.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за ММС велат дека владини мерки за спречување на растот на цените на производите, со што се штити животниот стандард, можеа и требаа и порано да се донесат, доколку Владата ги послушаше апелите од ССМ од почетокот на минатата година. Токму затоа, ССМ бара минималната плата не пониска од 60 отсто од просечната и да биде најмалку 18.000 денари. Преговорите на социјалните партнери за оваа минимална плата, се уште не се почнати.

извор: ДЗС

А, во меѓувреме, од почетокот на јануари цената на струјата скокна за 9,48 отсто, а на парното за 14 отсто. Последните податоци на Државниот завод за статистика објавени на 10 јануари годинава, покажаа дека индексот на трошоците на животот (инфлацијата) во декември 2021 година, во однос на претходниот месец е поголем за 0,4 отсто, а на цените на мало 0,9 отсто. Додека, пак, во цела 2021 година, инфлацијата, во однос на 2020 година е зголемена за 3.2 отсто, а цените на мало за 4,3 отсто.
Според Министерството за финансии, „се очекува стабилизација на стапката на инфлација оваа година, која е проектирана на 2,4 отсто, при што ценовните притисоци како последица на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината“.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1