ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/27/22 9:55 AM

Мебел, пластика, чевли во реката – Брегалница ја понесе со себе сета човечка негрижа и отпад

На почетокот на јануари се виде целата човека негрижа кон природата и водите, кога на реката Брегалница и Калиманското Езеро им се случи еколошка катастрофа. Шишиња, кеси, најразлична пластична амбалажа и цврст отпад, па дури и делови од мебел, електроника и обувки испливаа на површината на Езерото. Целиот отпад се влеа со влевањето на реката Брегалница, која со себе го донесе составот на дивите депонии од Делчево, Пехчево и Берово.

Граѓаните на Македонска Каменица вознемирени од глетката со најразлична пластична амбалажа и отпад кои пловат на површината од езерото, со денови апелираа на повисока еколошка свест, но и побараат надлежните органи да преземат соодветни мерки. Конечно, по денови на споделување на фотографии и видеа, граѓанските здруженија покренаа акција за чистење. Во третиот викенд од јануари почна чистењето на отпадот од водата.


Калиманско Езеро му е доверено за стопанисување на АД „Востопанство“ на Македонија, преку подржницата „Брегалница“ од Кочани. Концесионер на Езерото, е ЗРСК „Шаран“ од Македонска Каменица. Изненадувачки за јавноста, риболовците – концесионери, кои треба најмногу да бидат загрижени, соопштија дека нема да ја поддржат оваа акција. Горан Стоименовски кажа дека неучеството е всушност, манифестирање на револт и знак на протест кон надлежните институции, но и загадувачите, кои како што рече не водат сметка за водите на реката Брегалница, но и Калиманското Езеро.
-Ние не сакаме да гасиме пожар. Ова се случува постојано со години наназад. Сакаме да ја поврземе еколошката катастрофа со минатата, од септември 2020 година, кога се излеа јаловината од рудникот „Саса“ тогаш и сега државата Македонија не ја гледам тука – преку агенции, министерства, општински инспектори, еколошки инспектори… ништо не функционира. Бараме државата да профункционира. Мислам дека време е сите заедно да застанеме на тоа самоволие и да ставиме крај на тоа уништување на водите, изјави Стоименовски.

Горан Стоименовски

Секое надоаѓање на Брегалница го носи целиот отпад во Калиманско Езеро

Риболовците од „Шаран“ се револтирани бидејќи секоја сезона кога надоаѓа Брегалница, се случува поплава од пластика и друг отпад по површината на Калиманско Eзеро. Како што велат, не сакаат да го чистат ѓубрето на другите, на несовесните од Делчево, Берово и Пехчево, а при тоа, институциите и инспекциите гледаат без никаква реакција. Горан Стоименовски ја нагласува штетата од пластиката по живиот свет, рибите кои завршуваат во шишињата, но ја потенцира и канцерогеноста на материјалите кои завршуваат во водите. Со покачениот водостој, реката Брегалница во водите на Калиманци, со себе го носи и со години одложуваниот отпад покрај своето речно корито, е најверојатна причина за оваа несакана појава. Исто така, честа е пријавата за помор на риби од незаконско и неконтролирано исфрлање на хемикалии во водите на Брегалница. Ова ја прави главен и најголем загадувач на водите во Калиманското Езеро. Граѓаните предупредуваат дека оваа појава ја има на целата површина од езерото и бараат навремено да се пристапи кон чистење на отпадот, како би се спречила оваа еколошка катастрофа.


Калиманското Езеро е дел од најголемата вештачка акумулација во Источна Македонија и е дел од подрачјето на сливот на река Брегалница, кој се наоѓа во источниот дел на земјата, лево од реката Вардар. На североисток, сливот, граничи со Бугарија. Сливот покрива област од 4300 км2 односно16,72% од територијата на Република Македонија и поминува низ 14 општини. Тоа значи дека покрај државните институции, 14 општини имаат свое влијание, но и надлежности врз сливот и водите во регионот. Реката Брегалница со своите притоки и акумулацијата се главните водни артерии на регионот и го сочинуваат Хидромелиоративниот систем „Брегалница“, кој покрива 28.000 хектари обработлива површина. Браната Калиманци е изградена на реката Брегалница во Делчевско-Кочанската клисура на околу 23 километри североисточно од Кочани кон Каменица. Во неа се акумулираат водите од реките Брегалница и Каменичка река. Браната е со висина од 92 метри, со должината на круната од 232 метри, додека на низводниот дел од браната е изградена хидроелектрана во која акумулираните води се користат за производство на електрична енергија кој работи под режимот на наводнување. Нејзината инсталирана моќ е 12,8 MW.

На езерото му се случи најголемо празнење пред енергетската криза

Случајно или не, во време пред почетокот на најголемата енергетска криза што го тресе светот и Македонија, се случи и најголемото празнење на езерото, документирани и низ нашиот објектив, споредувајќи го нивното на водата последните четири години, во истиот период од годината.

Сред ваков аларм со намалено ниво на водите и екстремното загадување, граѓаните повикаа на акција и пред граѓанските здруженија организираа заеднички состанок со институциите и инспекторите.
На 15 јануари Планинарското друштво „Планинар Саса“, Спортско риболовното друштво „Рибар“, како и Ловечките друштва „Хантер Бизиково“, Хантер Про“ и Агенцијата за обезбедување на лица и имот „Патриот АЛДО“ организираа акција за собирање на отпадот и шутот во водите на Калиманско Езеро. Беа изнесени 30 вреќи со отпад и шут, собрани од граѓаните од брегот, помогнати од работниците на комуналните претпријатија на Општините Делчево и Македонска Каменица.
Александар Дончевски, координатор на акцијата и претставник на овие здруженија и спортски друштва, на првиот ден од собирањето на отпад, повика на поголема еколошка свест и кај граѓаните и кај загадувачите. Набавиле и моторен чамец, со кој редовно, еднаш до два пати месечно ќе го собираат отпадот од водите.
-Се надеваме дека нема да дојде до потреба од тоа и Брегалница да донесе уште повеќе отпад за ние да го чистиме. Дај Боже да немаме потреба од редовно чистење. Нема како да се реши ова, освен апелот да допре до сите граѓани, да се подигне совеста и самите тие да не фрлаат отпад и тоа да се спречи, изјави Дончевски.

Да се утврдат штетите по животната средина

Граѓанските здруженија побараа поактивен пристап на општините и инспекторите. Но, како што велат нивните претставници, се бара трајни решенија. Во таа насока, риболовците сметаат дека следни чекори кон решавање на овој евидентен проблем треба да бидат итно формирање на меѓуопштинско координативно тело со утврден акционен план за делување, таргетирање на причините за настанување на загадувањето, утврдување на штетите по животната средина и санкционирање на одговорните за повеќегодишната контаминација на езерото Калиманци.

Горан Ристовски

 

Сторијата е дел од проектот ,,Утопија? Бистри води зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1