ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/24/22 8:04 PM

„Да даде Господ да доживеам полнолетство на ќерка ми, па што биде нека биде“ – Мирјана Василева се присети на кумството и пријателството со Аки Ракимовски

Балканот се уште е во шок по веста дека Аки Ракимовски, фронтменот на „Парни Ваљак“ ненадејно почина на 66-годишна возраст. Голем број колеги од Македонија и регионот со свои објави на социјалните мрежи се простија од музичката легенда, која во текот на 47 години колку што го предводеше бендот остави безвременски хитови.

Скопје и Македонија беа местата каде што Александар Аки Рахимовски постојано се враќаше и гордо споделуваше спомени за својот живот во нашиот главен град. Така требало да биде и минатиот викенд кога планирал да дојде во Скопје за да ја види неговата болна мајка, но наместо во својата Македонија, Аки замина во вечниот дом.

Неговата долгогодишна пријателка и новинарка во Македонската радио телевизија, Мирјана Василева и покрај шокот и тагата по загубата на својот другар од младоста, во разговор за ММС ја опиша неговата величина.

„Да се говори за пријател, легенда и пред се човек кој живееше стоечки и целиот живот како мантра му беше  исполнет со големата љубов кон рокенролот, во овие многу тажни моменти кога Аки повеке не е меѓу нас, е тешко. Многу е тажно било што да се каже, освен дека загубив голем пријател чие име не случајно ќе остане запишано во аналите на балканските музички ѕвезди“, истакна Мирјана Василева.

Аки Ракимовски во Скопје со пријателите и неговата мајка (десно)

Мирјана вели дека може да се напише цела книга со животните случки поврзани за нивното пријателство и дека и е жал што им останала недовршена идејата да направат документарец посветен на неговиот живот.

– Оваа идеја се роди пред една година на нашата семејна дружба во Дојран. Тој со неговата сопатничка Барбара и ќеркичката Антонија беа во Македонија дојдоа во посета на неговата мајка за која многу се грижеше. Ме зачуди тогаш неговиот имиџ кога го видов со бела и долга брада и му реков дека наликува на светец. Само ни се насмеа и рече дека „време било да се одмори од сцената“ за да му се посвети на своето дете – откри Мирјана за ММС.

Но, Аки и покрај намерата да се повлече од сцената, не ги исклучил настапите и закажаните концерти во Сараево и Крагуевац. Публиката и покрај откажувањето на концертите пред две години поради пандемијата, не ги вратила картите и го чекаше денот кога ќе се дружи со „Парни Ваљак“.

– Аки ја сакаше многу Македонија, беше човек со голема неизмерна љубов кон  неговите пријатели кои ги имаше  многу од неговото детство – истакна таа.

А пријателството на Мирјана и Аки траеше повеќе од 45 години. Таа како студент на политички науки во Загреб и како млад новинар во 78-та година во „Вечерњи лист“ ги следела културните настани во хрватската метропола. Во весникот многу се посветувал простор  со информации  на таканаречената  рок загребачка школа ,а  во градот како обележје  биле култните  места како Салон,  Кулушико  Звечка.

– Аки беше мултимедијална личност уште во тоа време. Со Аки  се запознавме  во  музичкиот клуб Салун,  каде што настапи Владо Калембер. Нашиот разговор беше во знакот на доаѓањето на „Леб и Сол“  во Загреб каде што од таму  ја направија светската популарност. Аки беше човек кој имаше свои подеми и падови на почетокот на кариера. Меѓу најзначајните моменти од нашето пријателство ќе го издвојам кумството за неговата прва венчавка со сопругата Даниела, мајка на Кристијан – раскажа Мирјана.

Секогаш кога ќе се сретнеле се потсетувале на убавите рок времиња, славејќи го своето искрено пријателство кое траело повеќе од четири децении.

– Така беше и пред 40 години, така и пред една година, така и пред две години кога ми се јави за да ми каже дека станал татко, но во исто време и дедо на внучето од ќерка му Едина.  „Мирјана повеќе не знам кој на кого ќе му биде вујко, тетин или тетка на Антонија“, се пошегува тогаш Аки. Знам дека многу жалеше поради отсуството од дома, сакаше да се посвети повеќе време со своите деца, но и дека е благодарен што сега и на стари години може да  ужива во татковството  со ќеркичката. Се сеќавам дека скромно ми рече дека би сакал, ако даде господ, да го доживее и нејзиното полнолетство, па потоа што ќе биде нека биде – искрено зборуваше Мирјана за својот пријател и додаде:

„Многу е тажно да се пишува нешто за човек за кој требаат страници и страници. За него не треба да се пишува како за музичка легенда, туку како за човек кој го красеше чисто и кротко срце, обземено со љубов и емоции кон семејството, пријателите и најмногу кон музиката.

Почивај во мир драг пријателе и ти благодарам за песните кои симболично ги посвети и на мојата маленкост“, се прости Мирјана од својот драг пријател Аки.

Орце Костов

фото: В.Тануровски/Приватна архива


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1