ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/24/22 1:38 PM

Дали покрај „Германците и Бугарите го спремаат ВМРО за враќање на власт“?

Германците го спремаат ВМРО за враќање на власт најавува македонски портал, пренесувајќи Фејсбук објава за средбата на делегација на опозициската партија со германската министерка за Европа, Ана Лирман. Порталот ја пренесува објавата на меѓународниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Тимчо Муцунски, каде тој пишува за средбата што се одржала со германската министерка Лирман, меѓутоа, внатре во објавата не ни збор за тоа како Германците ја подготвуваат партијата за враќање на власт.

„Новинарскиот текст“ е ФБ статусот на Муцунски, во кој тој кажува дека заедно со лидерот Христијан Мицкоски  потпретседателот Александар Николоски и меѓународниот секретар на Унијата на жени Марија Митева, оствариле средба со германската министерка за Европа.

-На оваа средба зборувавме за евро-перспективата на Македонија, како и реформите кои треба да ги направи нашата држава, пишува Муцунски, а пренесува порталот.

Како тоа Германците го подготвуваат ВМРО на власт и дали при тоа под „Германци“ од насловот се мисли на спомената амбасадорка Лирман, останува непознато. Толку напишал Муцунски, толку пренел порталот. На читателот му останува да се прашува и сам да одговори на основните новинарски прашања – кој, што каде, како кога, зошто.

Јавно познат факт е дека при официјалната посета на Македонија, германската амбасадорка за Европа, Ана Лирман одржа официјална средба со претставници на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Среќавањето на странски државници со политички претставници, покрај со тие од власта, како претставници на институциите, е честа пракса. Изминатата недела со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски средба имаше и новиот бугарски премиер, Кирил Петков. Оваа средба, партијата сподели фотографии и соопштение. Дали и по оваа средба може да се заклучи дека „Бугарите го спремаат ВМРО за враќање на власт“?

Пласирањето на статус од социјалните мрежи на порталите како новинарска вест не е ништо ново, дури е толку често што за јавноста навикна и да не очекува ништо повеќе. Сепак, новинарството е професија која се базира на објективност и непристрасност, додека навивањето од насловот е карактеристика за партиски ангажиран граѓанин, кој има своја политичка определба.

Непристрасноста и балансот се важни аспекти на новинарската одговорност, е основата на која се базира етичката одговорност на новинарот. Во Насоките за известување во онлајн медиумите пишува:

„Онлајн медиумите нема да објавуваат неточни, пристрасни или манипулативно обликувани текстови, фотографии или други содржини со кои читателите намерно се доведувaат во заблуда. Фотомонтажите, обработените фотографии или други интервенции во автентични документи мора да се јасно разграничени од оригиналот и означени како такви со соодветен текст“.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1