ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/21/22 7:00 PM

Се возиме низ Македонија во автобуси на смртта – Секое десетто возило без кочници!

Министерството за внатрешни работи во четвртокот за само четири часа во периодот од 08.00 до 12.00 часот во рамки на оперативната акција „Дозвола” спроведе зајакната акциска контрола на територијата на цела земја на возила со кои се врши јавен превоз на патници, пронајде 60 неисправни автобуси и комбиња.

„Контролирани се 576 автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз, а неисправност е утврдена кај 60 возила. Од нив 21 на територија на СВР Тетово, 11 на територија на СВР Штип, девет на територија на СВР Струмица, осум на територија на СВР Скопје… Од овие 60 возила, кај 42 е утврден неисправен уред за запирање, кај пет неисправен уред за управување… Возилата се исклучени од сообраќај и ќе следуваат соодветни поднесоци”, рече Ангеловски.

Можеби користењето на автобуски превоз на подолги дестинации во земјава и во странство е најевтиниот начин на транспорт, но по последните случувања со двете автобуски несреќи кај Ласкарци и автопатот Струма во Бугарија во кои загинаа вкупно 59 патници, како и при контролите на МВР на внатрешниот превоз, тој е најнебезбедниот превоз кај нас.

Автобуси на смртта демнат зад секој агол во земјава, а неисправност на сопирачките и на други уреди за безбедност, истечени или фалсификат дозволи и регистрации, се најчестите проблеми кои полицијата ги откри при зачестените контроли на возилата што вршат јавен превоз на патници.

Министерството за внатрешни работи при контролите на терен постојано носи возила на вонреден технички преглед каде што се утврдува дека имале неисправни кочници.

За ММС, од министерството информираа дека во периодот од 1 јануари годинава заклучно со 16 декември поради константирани недостатоци со системот за сопирање биле санкционирани 468 автобуси кои вршат превоз на патници!

Дел од јавноста верува дека не сите автобуси и комбиња се со комплетно неисправни сопирачки, односно терминот „неисправни сопирачки“ не е истиот со „нема сопирачки воопшто“, па ММС го праша МВР дали неисправни кочници значат и немање кочници?

„Да“, кратко одговорија од МВР.

Критериумот за утврдување на неисправни кочници кај автобусите и комбињата е повисок и утврден со правилник за технички преглед, а возилата треба да ги исполнуваат барањата до Директивата на ЕУ.

Правилникот за технички преглед на возила (Сл.весник на РМ 81/2010) ги пропишува поблиските критериуми кои треба да ги исполнуваат возилата за да бидат технички исправни. Во однос на тест резултатите од проверките на системот за сопирање, истите треба да ги исполнуваат барањата од Директивата 71/320/ЕЕ3“, соопштија од МВР.Многубројните исклучувања од сообраќај на автобуси и комбиња, вклучувајќи ги и тие што превезуваат ученици, влеваат страв кај граѓаните затоа што МВР не може да постигне да санкционира толку возила колку што се појавуваат на патиштата во делумно исправна состојба.

Се поставува прашањето како овие превозници го заобиколуваат законот, односно ги минат техничките прегледи кои постојано се снимаат на камера, а добиваат потврда за технички исправно возило.

При контролите на МВР, полициските службеници присуствуваат на вонредните технички прегледи, но не и на прегледите кога се регистрираат возилата во станиците за технички преглед.

Согласно одредбите од член 42 од Законот за возила доколку се утврди техничка неисправност на возилото, возачот добива казна од 400 евра затоа што вози возило без исправни сопирачки, неисправен систем за управување, уред за поврзување на влечното или приклучното возило или лоши пневматици.

Правното лице сопственик на возилото кое е неисправно ќе добие глоба од износ од 2.000 евра, а одговорното лице во компанијата ќе плати 500 евра.

Но, доколку при контрола на автобусот се утврди дека е регистриран како технички исправен, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправен, ќе му се одзеде Решението за работа на правното лице за вршење на технички преглед и ќе му се изрече казна од 5.000 евра.

„Доколку при контрола над овластено правно лице за вршење на технички преглед на возила се утврди во конкретново прашање, дека е регистрирано возило како техничко исправно, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправно, согласно  член 65 од Закон за возила  следува одземање на Решението за овластување и Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното правно лице за вршење на технички преглед кое постапува спротивно на одредбите,  глоба во износ од  500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице кај овластеното правно лице за технички преглед кое постапува спротивно како и глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на раководителот и стручниот работник“, рекоа од МВР за ММС.

Орце Костов

фото: МВР


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1