ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/17/22 12:53 PM

Кој колку научил за да стане министер во новата влада – Сите знаат англиски, а само еден бугарски

Новата Влада предводена од новиот премиер Димитар Ковачевски која синоќа ја доби довербата во Собранието со 62 гласа „за“, има 21 министер, односно еден повеќе од претходниот состав, министер без ресор кој и припадна на Алтернатива.

ММС ќе ви ги претстави биографиите на новите лица во овој владин состав кој ќе го предводи премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски е релативно непознат за јавноста, односно за него првпат дозна кога бившиот премиер Зоран Заев го носеше на преговорите за формирање на новото парламентарно мнозинство, подготвувајќи го за нов лидер на СДСМ и нов мандатар после поради поразот на локалните избори во 2021 година.

Новиот премиер Димитар Ковачевски

Во биографијата на новиот претседател на владата кој денеска ја одржа првата владина седница, а веќе утре ќе биде домаќин на бугарскиот премиер Кирил Петков, стои дека е роден во 1974 година во Куманово и е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Ковачевски докторирал на Економскиот факултет на универзитетот Црна Гора во 2008 година, а стручно се усовршувал на Школата за бизнис при универзитетот Харвард во 2011 година. Дел е од воспоставувањето високотехнолошка старт ап компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020).
Неговата биографија наиде на остри критики во Собранието при дебата за новата влада од Димитар Апасиев, лидерот на Левица кој рече дека Ковачевски својот напредок во политиката му го должи на неговиот татко кој исто така бил висок функционер и кадровик во СДСМ.

„Сега доаѓаме до негативната селекција, која што е тренд во СДС и да си направиме со мојот колега професор искрен левичарски муабет, мандатарот кој беше, реално гледано, анонимус во јавноста. Вашето движење професионално се движи од менаџер до бизнисмен, па до професор, меѓутоа не можеме да го оддалечиме фактот дека потекнувате од таканаречената омразена црвена буржоазија и тој династиски систем на владеење во СДС – по принципот ”наше дете”. Вашиот татко бил висок кадровик во СДС и по тој принцип, така фунционира СДС во овие три децении. И она што класно мораме да го кажеме, вие не сте репрезент на средната класа којашто социјал-демократијата ја застапува, бидејќи вие сте отворено капиталист, вие припаѓате во елитата (во тие 1%) по вашето богатство“ – истакна Апасиев од собраниската говорница.

Претседателот на Владата Ковачевски ќе има четворица заменици. Тројца од нив веќе беа дел од владата: Артан Груби, Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи. Славица Грковска – вицепремиер за борба против коруција и криминал е новото лице во кабинетот на Ковачевски. Професорката по математика од мај 2021 година е главен системски аналитичар во Секторот за информатичка технологија во МВР. Добро зборува англиски, се служи со руски и бугарски јазик.

Славјанка Петровска е новата министерка за одбрана

Министерка за одбрана е Славјанка Петровска, досегашна пратеничка на СДСМ и поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада. Петровска е магистрант по управно право на Правниот факултет во Скопје, а од јуни 2017 година е шеф на кабинетот на Оливер Спасовски. Одлично зборува англиски јазик, а се служи и со италијански и руски јазик.

Новиот министер за правда,  д-р Никола Тупанчески е доктор на правни науки и професор во областа на казненото право на Правниот факултет на УКИМ во Скопје. Учествувал во повеќе експертски комисии на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, како и во Министерството за правда на Република Македонија во врска со реформскиот процес на македонското казнено законодавство, а бил вклучен и во Советот за судски реформи во рамки на Владата на Република Македонија.

Најмногу внимание предизвика наследникот на Венко Филипче во здравство, ресор кој го доби Алтернатива. Стоматологот Беким Сали ќе биде нов министер за здравство. Тој доаѓа од приватниот сектор за здравство и во моментов е на постдипломски студии за јавно здавје. Од 2009 до 2010 година ја извршувал функцијата шеф на Кабинетот на министерот за здравство и претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.

Стоматологот Беким Сали ќе го замени Венко Филипче во здравство

„Покрај албански јазик, зборува и македонски, англиски и турски јазик“, пишува во кратката биографија на Сали.

Адмирим Алити од Алтернатива е нов министер за информатичко општетсво и администрација (МИОА). Во неговото резиме стои дека магистрирал информациски системи на универзитетот Лине во Шведска и дека бил генерален директор на Национална радиодифузија – Скопје.  Во моментов е асистент и предава различни предмети на Катедрата за информатика на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје.

Нова министерка за труд и социјална политика е Јована Тренчевска од Струмица, која од 2020 година е в.д. директорка на Државниот инспекторат за труд. Во 2012 година се стекнала со звање магистер по социолошки науки на истиот Универзитет, на Институтот за социологија. Од 2018 до 2020 беше државна секретарка во Министерство за труд и социјална, а во 2018 година беше раководителка на Одделението за родова еднаквост, Сектор за еднакви можности при Министерство за труд и социјална политика. Од 2003 до 2018 година ја извршуваше функцијата советничка за родова еднаквост, Сектор за еднакви можности при Министерство за труд и социјална политика.

Бисера Костадиновска Стојчевска е нова министерка за култура

Нова министерка за култура е Бисера Костадинова-Стојчевска, родена 1986 година во Битола. Има докторирано англиски јазик на Педагошки факултет при УКЛО – Битола, каде работела како професор. Таа е досегашна пратеничка во Собранието од редовите на СДСМ.

Џемаил Чупи е министер без ресор задолжен за дијаспората. Чупи е доктор по политички науки и магистер на дипломатија.

Својата кариера ја почнал во Агенцијата за вработување во Дебар. Од 2017 година е предавач на Колеџот УБТ во Приштина на Факултетот за политички науки и во магистерска програма на Факултетот за јавна политика и менаџмент.

Орце Костов

фото: МИА/Фејсбук

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1