ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/14/22 9:09 AM

Браната Мантово не ја позелене рудникот, тука алгата – оценија инспекторите

По позеленувањето на дел од крајбрежјето и водите на Брана Мантово и алармирањето на екологистите, беа земени мостри вода за испитување за утврдување на квалитетот на водата. Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека мострите земени на  28.12.2021 година биле дадени на испитување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Природно математички факултет – Институт за биологија Скопје.

Од овој Институт за доставените мостри од БОРОВ ДОЛ ДООЕЛ Радовиш по направената анализа доставиле мислење дека интензивната измена на бојата на водата и последователното натрупување и обојување на брегот на акумулацијата се должи на масовен развиток на сино – зелена алга (цијанобактерија) која предизвикала таканаречен „воден цвет„ во акумулацијата, силно ја заматила водата и се исталожил по нејзините брегови. Сино – зелената боја потекнувала од пигменти кои се наоѓале во овие алги.

-Се работи за специфичен вид сино – зелена алга по името Aphanizomenon klebahnii. Ваквата појава претставува закана за целиот екосистем како и за луѓето кои ја користат акумулацијата за различни намени. Потребни се детални испитувања за причините на оваа појава, пишува во мислењето од ПМФ.

Како што соопштува Инспекторатот анализиран е и квалитетот на водата во Мантово и утврдено е дека надминати се граничните вредности.

-За утврдување на квалитетот на водата во Брана Мантово, на ден 29.12.2021 година од пет мерни места земени се мостри вода од Брана Мантово од акредитирана лабораторија за животна средина Технолаб ДОО Скопје. Од страна на правниот субјект БОРОВ ДОЛ ДООЕЛ Радовиш на ден 13.01.2022 година доставен е Лабораториски Извештај бр. 658/21 од извршени анализи на површинска вода од Боров Дол ДООЕЛ Радовиш Езеро Мантово. Врз основа на податоците добиени од извршените анализи може да се констатира дека согласно Уредбата за класификација на водите (Службен весник на Република Македонија бр.18/99) и Уредбата за категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води (Службен весник на Република Македонија бр. 18/99) испитаните примероци НЕ одговараат на класата заради надминување на граничните вредности.

По овие наоди, од Инспекторатот засега најавуваат нови контроли.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1