ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/13/22 4:16 PM

Зградата на битолската болница е стабилна, хируршките интервенции продолжуваат во понеделник

Од земјотресите кои деновиве го погодија битолскиот регион, материјална штета има и во битолската болница. Најоштетени се Одделението за неврологија и машкиот тракт на интерното одделение, информира директорката Билјана Гагачовска.

„На вчерашниот стручен колегиум одржан со раководителите од овие одделенија, беше донесена одлука, поради безбедносни причини за пациентите и за персоналот, да се затворат дел од капацитетите на одделни одделенија. И тоа Одделението за неврологија го намалува капацитетот, се затвораат пет болнички соби, бидејќи не е возможно да се хоспитализираат пациенти во тие соби.  Одделението за неврологија ќе има на располагање осум кревети од сопственото одделение и ставени се на располагање уште осум кревети од Одделението за психијатрија, додека пак Одделението за интерни болести претрпе најголеми оштетувања во машкиот тракт, со тоа што две болнички соби, односно 16 кревети нема да бидат за употреба и доколку се појави потреба и се исполни капацитетот ќе се размислува за ставање во функција на други капацитети во посоченото одделение“, вели Гагачовска.

Заради безбедност и заради тоа што тлото се уште се тресе, беа откажани хируршките интервенции кои ќе продолжат повторно од понеделник. Вчера првична проценка направија и експерти од ИЗИИС и од комисијата за штети од општина Битола и констатираа дека зградата самата по себе е стабилна, а оштетувањата кои се направени не ја нарушуваат статиката, ниту пак доведуваат до сериозна опасност од некои поголеми поместувања во зградата, имајќи во предвид дека е градена по сите прописи во шеесетите години на минатиот век.

Гагачовска вели дека оштетувањата не се сериозни, а болницата продолжува да функционира нормално, освен двете одделенија со намален капацитет.

Според неа, зградата на Инфективното одделение која физички е одделена од главната зграда и често беше критикувана за условите, има претрпено најмалку оштетувања и се покажа дека е најстабилна.

Маја Богоевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1