ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/13/22 1:37 PM

Уништени 195 свињи во делчевско поради африканска чума, во опасност се уште 741, соопшти АХВ

-По појавата на африканска свинска чума во делчевското село Драмче, во радиус од три километри до денеска уништени се вкупно 195 домашни свињи, односно со овој потег немаме ниту една жива свиња. Направена е депопулација, со што лешовите се депонирани во сточна јама во Делчево каде се преземени мерки да не дојде до ширење на вирусот. Во радиус од десет километри во делчевскиот регион се во опасност се 741 грло, што треба да влезат во процес на депопулација..

Ова го посочи директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, на денешната прес-конференција во Стопанската комора на тема: „Вонредни мерки за справување со прв случај на африканска свинска чума во РСМ“, а како повод е првиот случај на оваа болест, потврден на 6 јануари годинава во делчевското село Драмче.
Во наредните денови, според него, ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде не можат да се спроведат био-сигурносни мерки.
„Немаме воопшто можност за вакцинирање или за тераписки третман, односно лекување на животните. Сигурен исход на животните заразени со овој вирус е усмртувањето“, вели тој.
На ниво на цела држава АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на категоризација за примена на безбедносните мерки. Во овој период воведена е забрана за движење на приемливи животни, со исклучок на оние што со соодветна дозвола се носат на колење.
Бабовски додаде дека сите одгледувачи на свињи ќе бидат целосно обесштетени како и дека не би требало да се соочиме со поскапување на свинското месо, бидејќи во моментов се задоволени потребите на домашниот пазар. Тој потенцираше дека месото добиено од свиња, со негативен резултат на африканската свинска чума, не е опасно за консумирање.
Тоде Атанасов, претседател на Групацијата на производителите на свинско месо, рече дека од 2019 до сега Владата не ги презела потребните мерки за заштита од овој вирус, при што се очекува од 50 до 60 милиони денари штети во свињарството.
Бојан Ѓоргиевски од Групацијата на мали производители, изјави дека со појавата на африканската чума мора да се спроведе постапка за итно зголемување на био-сигурноста на фармите и постојани инспекции.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1