ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/13/22 11:33 AM

Ракот на грло на матка доцна се открива, годишно се трошат 634.000 евра за лекување на карцином во напредна фаза

Ракот на грлото на матката откриен во напредна фаза остава долгорочни последици во однос на квалитетот на животот на жените и членовите на нивните семејства. Фондот за здравствено осигурување, поради ненавремено дијагостицирање на карцином на матка,  годишно троши најмалку 29 милиони денари (472 илјади евра) за лекување на жените кај кои ракот е откриен во напредна фаза. Жените со оваа болест во напредна фаза, годишно плаќаат најмалку 11 милиони денари, за трошоци кои се поврзани со заболувањето.

Ова го покажува анализата на Здружението за еманципација солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), насловена: „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?“.
Според неа, годишните трошоци поврзани со лекување на ракот на грлото на матката, на државата и на жените, се проценуваат на минимум 39 милиони денари (634.000 евра), но реалните годишни трошоци се повисоки од оваа сума.

Во 2016 година се бележат 47 смртни случаи од рак на грлото на матката, како резултат на задоцнетото откривање на заболувањето. Поради предвремена смртност кај жените, само во 2016 година се изгубени 612 години на живот (собирање на бројот на смртни случаи на одредена
возраст и множење на овој број со бројот на години што преостануваат до 75 години). Во 2017 година се бележат 30 смртни случаи од рак на грлото на матката, а во истата година се изгубени 574 години на живот помеѓу жените, поради предвремена смртност од ова заболување.
„Со цел да се намали смртноста од ракот на грлото на матката и да се намалат трошоците за лекување, државата треба да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката на 80 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години. За да се постигне бараниот опфат, бараме државата за тригодишен период да одвои 168.728.100 денари или во просек 56. 242.700 денари годишно за оваа намена“, стои во извештајот.

М.Т.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1