ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/13/22 9:42 AM

Македонски студенти кои се идентификуваат како Бугари можат да запишат бесплатни студии на бугарските универзитети

Бугарската Меѓуресорска работна група за пријавување и прием на студенти од Македонија предложи, а Министерскиот совет усвои да се удвои од 150 на 300 места за бесплатно студирање на македонски државјани на бугарските универзитети. За таа намена, одвоени се дополнителни 265.000 евра.

Интересно е што дефинираните услови за некој студент од Македонија да се запише и бесплатно да студира се доказите за бугарски корени, бугарско име, бугарско изјаснување. Во пропишаните услови стои:

„Уредбата се однесува на студентите од бугарската дијаспора кои немаат документ за бугарско државјанство да аплицираат и на бугарските универзитети. Станува збор за луѓе од бугарска националност, кои го користат бугарскиот јазик и се идентификуваат како Бугари. Тие мора да потекнуваат од населба што била дел од бугарската држава или Бугарската егзархија во минатото, или да имаат роднини со имиња од бугарскиот традиционален систем на семејни имиња или да бидат дел од бугарска заедница или бугарско малцинство во друга земја“.

Во образложението за промената се вели дека е направена со цел „зајакнување на образованието, како приоритетна област на бугарската политика кон Република Северна Македонија и Бугарите кои живеат таму“.

Во тековната студиска година во септември во Бугарија почнале да студираат 78 македонски државјани.

Лани во декември, МНР на Бугарија преку Бугарската амбасада во Скопје, соопшти дека додели 470.000 евра за шеснаесет проекти во Македонија насочени кон развој на граѓанското општество, медиумски плурализам, соработка во областа на културата, подобрување на квалитетот на здравствената заштита, образованието. Се работи за фонд од бугарската официјална развојна помош.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1