ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/13/22 8:36 AM

Омикронот ја „покори“ нацијата – дури 68 отсто од болните со овој сој, а секој четврти тестиран позитивен

Последната статистика на Министерството за здравство покажа дека секој четврти тестиран, , е позитивен на Ковид-19, додека во секвенционираните примероци доминантен е новиот сој на вирусот – омикрон со присуство во 68 отсто.

Вчера беа евидентирани 1.822 нови случаи на Ковид-19, од направени 7.123 тестови. Регистрирани беа тројца починати, а 668 оздравени пациенти. Активни се 13.478 случаи.

Според последните податоци во земјава, омикрон варијантата на коронавирусот e детектирана кај 68 отсто од секвенционираните примероци направени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје.

Омикрон сојот е откриен во 12 градови – во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола.

Според извештаите од болниците, на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела.

Исто така, зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, а бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат.

Досега во земјата се направени вкупно 1.679.890 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 238.061. Бројот на оздравени пациенти е 216.521, а на починати е 8.062.

Комисијата за заразни болести засега нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.

Се разгледува и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година, но одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемиолошката состојба во државата.

Надлежните апелираат до граѓаните кои чувствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.

Според Светската здравствена организација (СЗО), над половината од луѓето во Европа би можеле да бидат заразени со новиот сој на коронавирусот – омикрон.

Американскиот епидемиолог и експертка од Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19, Марија Ван Керхове, истакна дека варијантата омикрон не значи лесна форма на болест.

Керхове рече дека појавата на омикрон што циркулира нашироко и кој многу ефикасно се пренесува меѓу луѓето е она што предизвикува нагло зголемување на случаите на коронавирус во светот. Таа истакна дека омикрон брзо ја надминува варијантата делта во однос на циркулацијата.

Сепак, според експертите, најновиот сој на вирусот е на пат кон нагло опаѓање. Тие гледаат знаци дека алармантниот бран на Омикрон можеби го достигнал својот врв во Британија и САД, по што бројот на новозаразени може да почне нагло да опаѓа.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1