ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/12/22 3:01 PM

Транспаретно се преговарало со Бугарија, а Димитров ги прифатил македонските позиции, сметаат Заев, Османи и Груби

Откако вицепремиерот за евроинтеграции во заминување, Никола Димитров на својата последна конференција рече дека немал доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија и дека имал чувство дека се работи на решение по секоја цена, експресно реагираа Бујар Османи, премиерот во заминување Зоран Заев и првиот вицепремиер Артан Груби.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во обраќање преку социјалните мрежи рече дека неговите лични позиции се исти со државните интереси во однос на спорот со Бугарија, а го објасни и процесот на одвивање на преговорите.

„Преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од Министерството за надворешни работи. Тие реферираат пред Министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв. Во истата насока, за важните стратешки прашања во

Владата секогаш се формира Работна група – највисоко политичко тело кое по правило го предводи Премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапува при разговорите со своите колеги“, објасни Османи.

Тој потенцираше дека пред Македонија имало нов политички моментум создаден преку новите мандати на владите во двете земји и дека граѓаните очекувале од нив да ја искористат иницијативата за зајакнување на довербата меѓу двете земји.

„Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер. Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме“, додаде тој.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби рече дека граѓаните немаат никаква основа за загриженост во однос на преговорите што со Бугарија ги води министерот за надворешни работи Бујар Османи. Секој договор што евентуално би бил постигнат, нагласува, треба да биде претставен и прифатен од граѓаните. Ние, додава, се солидаризираме со нашите сограѓани Македонци и апсолутно се постројуваме со нив во одбрана и на идентитетот и на јазикот и на сите други чувствителни прашања.

-Жалам што колегата Димитров дознал дека не му верува на Османи на крајот на својот мандат. Можеби би било добро тоа да го кажеше на почетокот и да пристапиме кон градење на таа доверба меѓу Османи и Димитров. Но, јас сум убеден дека граѓаните немаат никаква основа да имаат недоверба, ниту во Османи, ниту во Владата затоа што се е транспарентно и било кој договор да биде постигнат ќе мора да биде претставен пред граѓаните и да биде прифатен од нив, рече Груби запрашан за коментар во врска со ставот на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров дека не верува во Османи бидејќи, според него, тој преговара со Бугарија по секоја цена.

Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија, наведува Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев на денеска изнесените ставови на досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров.

– Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, се нагласува во реакцијата.

Димитров денеска на прес-конференција изјави дека не се повлекол сам од функцијата, туку дека неговите позиции за спорот со Софија се причина што нема да биде дел од новата влада.

О.К.

фото: Влада на РСМ

Банер за Супер7
1x1