ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/11/22 4:19 PM

(видео) Ископана длабока јама – почна битката со африканската чума во Делчевско  

По детектирањето на присуството на вирусот на африканска чума кај свињите во одгледувалиште во делчевското село Драмче, почна акцијата за депопулација на овие животни во радиус од три километри. Веднаш до градската депонија ископана е длабока јама, каде се сместуваат уништените грла, во склад со законските протоколи во ваква ситуација. Се работи за опасна болест меѓу животните. Треба да се делува брзо, со цел вирусот да се локализира и уништи, заклучија претставниците на институциите и одгледувачите, кои денеска имаа состанок во Делчево.

Директорот на надлежната Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски кажа дека следи уништување на свињите во радиус на три километри, за што сопствениците ќе добијат обештетување.

-Во останатата надзорна зона, која се протега во радиус од 10 километри, исто така ќе се изврши депопулација. Кај оние свињи кај кои ќе се дијагностицира дека се во добра здравствена состојба и дека кај нив не е присутен вирусот, од секоја една свиња ќе се земе примерок за испитување, ќе одат на економско искористување во кланиците, каде што на сопствениците ќе им биде надоместено, исто така финансиски се она што претставува пазарна вредност на овие животни, изјави Бабовски.


Во Делчевско веќе пет дена се спроведуваат засилени мерки со цел да се прошири африканската чума. Влезот на вирусот веројатно е од Бугарија, преку дивите свињи, каде веќе некое време е детектирано присуството на болеста. АХВ ќе го активира и Националниот центар за контрола на болести и преку преземените активности, да се врати статусот на земја слободна од африканска свинска чума.

Во Општината Делчево во координација со АХВ и Кризниот штаб секојдневно се одржуваат координативни состаноци. Градоначалникот Горан Трајковски упати апел до одгледувачите и граѓаните на зголемена свест за присуството на вирусот.

-Упатувам апел дека за секое уништено грло ќе бидат обештетени сопствениците. Иако ова жариште, за жал, е на територија на нашата општина, да придонесеме сите да не се рашири на територијата на други општини и цела држава, каде што ќе имаме многу поголеми финансиски импликации и како држава и како луѓе. Како локална самоуправа ќе работиме на подигање на свеста на сите што имаат стока, кажа градоначалникот Трајковски.

По појавата на африканска свинска чума во селото Драмче, оформена е и зоната под надзор која ги опфаќа општините Делчево и Македонска Каменица. При тоа,  се забранува движење и превоз на свињите во и од сите одгледувалишта од заштитната зона, освен ако свињите се упатуваат на колење во најблиската соодветна кланица.

Болеста африканска свинска чума е присутна кај животните, но не е опасна за луѓето, кои не заболуваат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1