ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/11/22 2:19 PM

ЗЕЛС: За шест пати зголемени трошоците за струја на општините, бараат помош од Владата

Градоначалниците на општините низ Македонија се жалат дека  сметките за електрична енергија им се зголемени за повеќе од 5 пати и оценуваат дека без соодветна помош од Владата, проблемот тешко ќе се надмине. Како што беше кажано на денешниот состанок на ЗЕЛС, за огромното зголемување на трошоците, во Гевгелија просекот на сметките за струја бил околу 400 илјади денари, а сега е 2,9 милиони денари. Од Ѓорче Петров истакнаа дека во просек сметките за електрична енергија биле околу 700 илјади денари, а сега е 3,3 милиони денари.

„Три милиони денари буџетски средства  годишно користи Ѓорче Петров за одржување на сите јавни објекти, додека во моментов ја плаќаме таа сума на месечно ниво само за сметки за струја. Доколку се продолжи со овој интензитет, сериозно ќе се доведе во прашање нејзината ликвидност. Барем Владата да ни излезе во пресрет да ја субвенционира разликата, а во меѓувреме силно да се заложиме за поголеми капитални инфраструктурни проекти со ставање на фотоволтаици на сите јавни објекти“, истакна градоначалникот на општината, Александар Стојкоски.

Според општина Чаир, сметките за струја се значително зголемени, но проблемот со парното е најалармантен во овој момент. Градоначалникот Висар Ганиу напомена дека не е проблем долгот на општина Чаир, кој се исплаќа на рати за загревањето на училиштата, туку поголем проблем е исклучувањето од топловодната мрежа на граѓаните, бидејќи 25 отсто од корисниците се откажале од парното. Трошоците за електричната енергија се зголемени од 500 илјади, на 1,4 милони денари, а во најголемиот дел од институциите во општината зголемувањето е над 3 проценти.

„Вчера плативме 2 милиони денари од долгот за парно и одговор ни беше дека ќе имаме топлинска енергија само за два дена. Општина Чаир не е виновна во овој случај. Бараме состанок со Владата за да ни помогне. Само како компарација, последниот месец лани и сега, плативме приближно 500 илјади денари за осветлување, а овој месец тоа е 1.400.000 денари“, изјави Ганиу.

Општина Валандово треба да склучи нов договор за набавка на струја во февруари, но зголемување на цените ќе го оптовари буџетот. Куманово има проблем и со зголемување на цена на гасот од 25 на 80 денари на метар кубен, што ќе го загрози снабдувањето на училиштата и градинките. Исти се проблемите и во Охрид, Струмица, Велес. Струмица имала трошоците од 7 милиони денари, а сега се 25 милиони денари и од таму бараат Владата да обезбеди средства за капитални инвестиции за алтернативни извори на енергија. Градоначалникот на Велес Марко Колев истакна дека без интервенција на Владата тешко ќе се опстои. Општината во октомври 2020 имала трошоци за струја од 1,4 милиони денари, а во октомври 2021 трошоците се 6,6 милиони денари.

Според претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, ЗЕЛС ќе бара измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со цел да се подобри фискалниот капацитет и да се зголемат приходите на општините преку зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, од кои во овој момент многу мал процент оди во локалната самоуправа.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1