ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/11/22 1:42 PM

Скапи и ретки оловни плочи од „Безистенот“ во Штип однеле четворица крадци

Не само што се скапи и ретки, туку се и тешки оловните плочи, околу 40 на број, кои пред и по Нова Година биле украдени од покривот на Уметничката галерија „Безистен“ од Штип. Во неколку наврати четворица крадци успеале да демонтираат, да ги симнат и да однесат околу 40 оловни плочи. Секоја плоча тежи по 40-50 килограми. Претпоставка е дека работеле во група. Штипската полиција успеа да ги фати крадците на оловните плочи и да ги приведе.

– Лишени се од слобода А.А.(32) и Ќ.А.(37), двајцата од Струмица и Д.А.(28) и С.Н.(26), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение дека се извршители на четири кривични дела „тешка кражба“ од Уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Тие се сомничат дека со намера да се стекнат со противправна имотна корист, кривичните дела ги извршиле во месец јануари 2022 од Уметничката галерија – Споменик на културата „Безистен“ на ул. „Тошо Арсов“ во Штип, од каде со употреба на сила противправно одзеле поголем број на предмети од Уметничката галерија, соопшти СВР Штип.

При тоа, само дел од одземените предмети се пронајдени, одземени и вратени на Националната установа Завод и музеј Штип. Еден дел неповратно е загубен.

Директорот на НУ „Завој и музеј“ Митко Штерјов вели дека институцијата е оштетена за  10.000 евра. Деновиве ќе следи санирање на покривот.

-Пронајдените и вратени плочи ќе бидат поставени на покривот, ќе се бара и друг начин за надоместување на украденото. Проблем е што оловните плочи ретко кој ги прави и тешко се наоѓаат, вели Штерјов.

„Безистенот“, како обележје на Штип е изграден од Турците во 16-17-иот век. Тогаш покривите на објектите се зацврстувале со тешки оловни плочи. Автентичноста на „Безистенот“ е зачувана до ден денешен, а оловните плочи се дел од таа автентичност.

Објектот бил изграден да служи како пазар во турско време, па бил уништен во пожар за време на војната помеѓу Австрија и Турција. Сега е претворен во уметничка галерија и место за одржување на настани од областа на културата и уметноста.

Против крадците ќе биде поднесена и кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Штип.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1