ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/10/22 3:38 PM

Со коњи ќе се носи опрема за санација на дефектот на новиот тетовски водовод, оти дотаму нема пристапен пат

Тетовци петти ден се соочуваат со рестрикции во водоснабдувањето, поради нов дефект на новиот водоводен систем во Лешница, лоциран на околу 13 километри од филтер станицата во атарот на Шарпланинското село Лисец.

Дефектот е лоциран, но екипите на Јавното комунално претпријатие Тетово, со потребната опрема за санирање не можат да стигнат на лице место.

Најпрвин мора да се извозат 11 километри со теренско возило, до каде што има пат, а потоа пешки да се продолжи со опремата до самата водоводна линија каде се појавил дефектот.

Љулзим Шаќири раководител на секцијата Водовод при ЈКП Тетово, вели дека се работи за тешка опрема која последните два километри ќе се носи на коњи.

-Согледувајќи ја метереолошката состојба, ние ќе се потрудиме да стигнеме до лице место со материјалот. Денеска не успеавме да стигнеме на лице место. Се обидовме, но е тешко, имаше врнежи, имавме и проклизување на возилото на две места. Се одлучивме да се вратиме и да се обидеме утре. Сега овој дефект е на 13 километри, а пристапен пат има до 11 -от километри. Потоа мора пешки да се носи опремата. Таа е потешка опрема и ние ќе користиме и коњи за да може да се транспортира опремата. Оти од самот одрон кој е настанат ја нема патеката за движење со возило. Ние вчера успеавме да отиднеме со возило до 11-от километар и потоа пешки одевме, го откривме дефектот, но сега мора таму да отидеме и со опремата. Сега поради новите врнежи ќе биде проблематично и со теренското возило да стигнеме до 11-от километар. Сега ќе има врнежи два дена, потоа минусни температури и ќе биде лошо за работа. Ако овде во Тетово ќе биде -11 степени, тогаш на планина каде што ќе треба да работиме ќе има -17 степени, вели Љулзим Шаќири раководител на секција Воводод при ЈКП Тетово

На Лешничкиот водовод и пред десетина дена се појави дефект, но и пред неколку недели. Се работи за водовод кој е на непристапен терен, каде често се појавуваат ерозивни процеси, а за кој градоначалникот на Тетово Биљал Касами кажа дека е проблематичен со ризични точки кои ќе се санираат, откако ќе се подобрат временските услови.

Инаку капацитетот на изворите од кои Тетово се снабдува со вода за пиење моментално изнесува 230 литри вода во секунда, што не е доволно да се задоволат потребите, затоа е воведена и рестрикцијата во вечерните часови.

Но, некои граѓани велат дека вода имаат само во утринските часови

-Дали е фер да им го скратуваме сонот на нашите деца за да ги избањаме во 5 наутро? Да ги бањаме спиејќи, објави една револтирана тетовка на својот Фејсбук профил.

Градоначалникот на Тетово пак Биљал Касами на својот Фејсбук профил пак, побара трпение од граѓаните, оти како што рече се работи за дефект на непристапен терен, кој се санира во тешки временски услови.

 

Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1