ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/12/22 4:00 PM

Туристички водичи ќе ги презентираат знаменитостите на Дојран – Општината воведува новини во новата година

Ново јавно претпријатие кое ќе се грижи за просторот за паркирање, како и за промовирање на културно историските знаменитости со помош на туристички водичи, се планира да се формира во општина Дојран.

Ова е една од новините со кои општината влегува во новата 2022 година, а идејата е со работата на новото претпријатие да се реши и проблемот со паркирањето што се јавува преку летото, како и да се стават во функција музејот и останатите историски обележја во Дојран.

– Јавното претпријатие ќе биде одговорно за паркинг просторот, ќе има надлежност да организира јавни настани, а преку ангажирање на туристички водичи ќе го ставиме во функција и музејот во Стар Дојран, но истовремено тие водичи ќе ги презентираат и другите знаменитости како Саат кулата, црквата “Свети Илија”, турскиот амам, обележјата од Првата светска војна долж линијата на Солунскиот фронт и слично. Со тоа ќе инвестираме и помогнеме во подобра туристичка промоција на Дојран – смета градоначалникот Анго Ангов.

Меѓу проектите планирани со годинешниот буџет се и довршување на објектот наменет за покриениот пазар и културниот дом, доуредување на центарот на општината,  нова пречистителна станица, реконструкција на три централни улици во населените места Фурка, Николиќ и Црничани.

– Настрешницата за пазарот веќе е поставена и се чекаат тезгите за овој простор, а годинава предвидени ни се средства за уредување на внатрешниот дел на објектот односно на Домот на културата. Тој ќе си ја задржи првобитната намена односно ќе има кино сала и бина како некогаш, за одржување културни настани – вели Ангов.

 

Oпштина Дојран и во новата 2022 година влезе туристички со посетители, кои деновиве уживаа во чистиот воздух и пријатните пролетни температури. По шеталиштето покрај Дојранското езеро природните  убавини ги користат сопствениците на викендици, туристите кои се овде за празниците, а редовни посетители се и рибарите кои уживаат во топлото време што им овозможува добар риболов.

Според информациите од општината над 50 проценти од сместувачките капацитети во Дојран беа исполнети за новогодишните и Божиќните празници.

(Р.Ш.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1