ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/9/22 11:26 AM

Судењето за Ѓоковиќ ќе се пренесува во живо, одбиено барањето на австралиската влада за одложување на сослушувањето на Новак

Австралиската влада побара одложување на рочиштето на Ѓоковиќ, на што адвокатите на српскиот тенисер поднесоа жалба.

Федералниот суд го одби барањето на австралиската влада сослушувањето на Новак Ѓоковиќ да се одложи за два дена, оставајќи им можност на организаторите на Отвореното првенство на Австралија да го вклучат во ждрепката за турнирот.

Сепак, правните експерти предупредуваат дека нема гаранции дека по утрешното сослушување судот ќе му ја обнови визата на Ѓоковиќ на време за да може да игра на турнирот. Таа повторно може да биде одбиена по нови основи.

Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус побарала судската постапка да се одложи барем до среда, но место тоа, судот ѝ излезе во пресрет на Тениската федерација на Австралија, која до вторник мора да знае дали Ѓоковиќ ќе може да игра.

Министерот за здравство Грег Хант изјави дека граничните власти ја завршиле истрагата за визите за Австралија опен, но додаде дека нема да го коментира случајот на Ѓоковиќ.

Адвокатите на Новак тврдат дека тој ги исполнил сите услови пропишани со државните документи за влез во земјата без карантин, но дека државата не го водела целиот процес како што треба.

Судењето почнува во 10 часот наутро по локално време, а по наше вечерва точно на полноќ. Австралиските власти објавија и линк на кој ќе може да се следи преносот.

Американската новинска агенција Associated Press (АП), пренесе став од австралиските гранични служби според кој доколку Ѓоковиќ биде депортиран, се соочува со повеќегодишна забрана за влез во Австралија.

Ѓоковиќ, кој претходно изрази противење на вакцинацијата, доби медицинско ослободување од тениските власти за да учествува на турнирот, а го одобри и владата на сојузната држава Викторија.

Тие го направија тоа врз основа на инфекција со корона вирусот потврдена со позитивен ПЦР тест на 16 декември, изјавија неговите адвокати.

Меѓутоа, откако слетал на аеродромот во Мелбурн, граничната полиција му ја одби виза  со образложение дека претходната инфекција со вирусот не била валидна причина да влезе во земјата без да ја прими вакцина.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1