ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/8/22 7:12 PM

Сообраќаен хаос во Тетово, 60.000 автомобили, а 500 паркинг места-улиците блокирани, тревниците и тротоарите како паркинзи

Самите фотографии ја отсликуваат катастрофалната состојба со сообраќајниот хаос во Тетово, особено сега во период на новогодишните и божиќните празници, кога се дојдени печалбарите, а со тоа е зголемен и бројот на возила. Дел од луѓето велат дека се „откажуваат“ од воланот. „Возило палиме само кога излегуваме надвор од градот, за низ град повеќе претпочитаме да одиме пеш, без разлика на временските услови“, велат некои жители на Тетово.
„Сите знаеме какви се приликите во градот. Гужви големи, за неколку километри да поминеш ти треба еден час, подобро пеш. Но, некогаш треба да однесеш дете не лекар и каде ќе го носиш пеш на овие минусни температури, ако е настинат, бетер ќе направиш. Пак треба автомобил да запалиш, а со него ќе заглавиш. Не знам, не се најде решение за овој хаос“, се жали еден возач од Тетово.
Но, сообраќајниот хаос не е евидентен само во централното градско подрачје во Тетово, го има од влезот до излезот на градот.
Немањето на доволно паркинг простор е најголемиот проблем. Автомобили се паркираат на самите улици, без разлика дали се во состав на зонско паркирање. Така паркирајќи претежно на диво, на улиците и булеварите останува проодна само една сообраќајна лента, што допринесува за застој во сообраќајот.

„Тука во Тетово навистина нема каде да паркираме. Затоа од паркираните автомобили се узурпирани дури и тревниците, тротоарите и слично. Јас и не користам автомобил, нема каде да го паркирам или одам пеш или пак користам велосипед“, рече еден жител на Тетово.
Во Тетово во последниве десетина години постојано расте и по број на жители и по градби. Со тоа расте и потребата од паркинзи. Но, на терен ништо не се презема. Проценките на СВР Тетово се дека во градот во текот на денот се евидентираат и до 60.000 возила, а има едвај 500 паркинг места.
Експертите велат дека состојбата со паркирањето е алармантна, затоа што голем дел од зградите кои се градат се без паркинг за станарите, но и голем дел од од институциите се без паркиралишта. Но, сепак може да се најде решение со таканареченото воведување на паметни паркизни.
„Може проблемот со недостиг на паркинг простор треба да се реши со воведување на таканаречени паметни паркинзи. Значи, се поставува систем на паркирање во височина и тој систем се врти во круг, најчесто хидраулично Таков начин на паркирање има во западно – европските земји. Предноста е што на мала површина може да се паркираат повеќе возила“, рече универзитетскиот професор Енис Јакупи.


Игор Додевски кој е назначен за нов директор на ЈП Градски паркинг Тетово, вели дека во перидов што следи, приоритет е да се обезбедат што повеќе паркинг места, но и да се намали долгот на претпријатието од 236 илјади евра.
„Откако ја презедов фирмата на некој начин беше рестартирана, затоа што во декември со позајмица се исплати плата за октомври. Околу долгот се чека од градоначалникот за понатамошна постапка. Согласно планот и програмата за 2022 година предвидени се создавање на нови 140 паркинг места за зонско паркирање. Дел од нив се на улица 120 и зградите околу зелениот пазар, улица Борис Кидрич и на други низ градот. Како ќе се собираат средства од тие нови паркинг места, така ќе се сервисира и долгот. Се работи на измена на одредени детални урбанистички планови и градење на катни гаражи на паркингот кај зелениот пазар, кај судот и кај паркингот позади зградите на булеварот „Маршал Тито”и улица „Јане Сандански”, соопшти Додевски.
Од јавното претпријатие Градски Паркинг дополнија дека паркирањето ќе поскапе за десет денари и во Зона А наместо 30 ќе биде 40 денари за еден час, додека во Зона Б наместо 20 ќе изнесува 30 денари. Нови цени има и за годишните карти за станари. Во затворени паркинзи ќе изнесуваат 3.000 денари, додека 4500 за жители со адреса на улици и булевари со зонско паркирање.

З.Д.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1