ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/6/22 8:27 PM

Ниту еден македонски државјанин не е повреден или загрозен во граѓанскиот бунт во Казахстан, соопшти МНР

Министерството за надворешни работи известува дека по комуникацијата со дел од граѓаните на Република Северна Македонија кои во моментов се наоѓаат во Казахстан, истите се безбедни и засега не е регистриран ниту еден наш граѓанин кој е повреден или загрозен.

„Министерството за надворешни работи продолжува континуирано да ја следи состојбата во Казахстан и е во постојан контакт со Амбасадата на Република Северна Македонија во Нур Султан, како и со соодветните институции од земјите во регионот, со цел обезбедување соодветни информации за нашите граѓани. Истовремено апелираме до сите наши граѓани кои во овој момент се наоѓаат во Казахстан да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации. За сите прашања поврзани со безбедноста на граѓаните на Северна Македонија кои во моментот се наоѓаат во Казахстан молиме да се обратите на отворените телефони во нашето дипломатско-конзуларно претставништва во Нур Султан или во Министерството за надворешни работи. За сите наши граѓани кои планираат патување во Казахстан, апелираме да се одложи истото доколку е можно“.

Во главниот град на Казахстан, Алмати, денеска избувна ново насилство откако Русија во текот на изминатата ноќ испрати падобранци во обид да се задуши граѓанскиот бунт во оваа поранешна советска република.

Очевидци за британските медиуми изјавија дека во пукотницата има повредени.

-Војниците пукаат во демонстрантите и автомобилите на плоштадот на Републиката во Алмати, изјавија очевидци.

„Пукањето на плоштадот не престанува веќе 15 минути. Се пука кон луѓето кои дојдоа на плоштадот со оружје, се пука кон автомобилите. Сигурно има ранети. Нејасно е, невозможно е да им се пријде на загинатите”, изјави еден очевидец.

Полицијата во Алмати денеска соопшти дека убила десетици демонстранти во текот на ноќта и дека во моментов се изведува операција на нивна идентификација.

Државната телевизија јави дека најмалку 18 припадници на безбедносните сили се убиени во немирите, од кои двајца биле обезглавени, а над 740 се повредени.

Уапсени се 2.000 демонстранти, соопшти Министерството за внатрешни работи. Вчера беше опожарена претседателската резиденција во Алмати и канцеларијата на градоначалникот, а градот е полн со изгорени автомобили.

Во цела земја нема интернет. Овие последни два дена е забележено најжестокото  насилство во изминатите 30 години независност во оваа земја богата со нафта и ураниум.

Претседателот Касим-Жомарт Токаев, кој ја повика Русија на помош, ги обвинува демонстрантите дека се терористи обучени во странство за бунтот.

-Станува збор за поткопување на интегритетот на земјата и што е најважно, за напад на нашите граѓани кои бараат од мене итно да им помогнам, рече тој.

Москва најави дека ќе соработува со своите сојузници за да му помогне на Казахстан во „антитерористичката операција” и верува дека бунтот е инспириран однадвор.

Бунтот, што почна како протест против новите повисоки цени на горивата, избувна во средата кога демонстрантите упаднаа во зградите на државната и јавна администрација во Алмати и други градови и ги запалија. Тие извикуваа слогани против поранешниот претседател Назарбаев, кој се повлече од власта во 2019 година.

Токаев завчера ја распушти владата, ја укина одлуката за поскапување на горивата и се огради од својот претходник, заменувајќи го од влијателната функција претседател на Советот за безбедност.

Западните земји повикаа на мир, а Кина оцени дека тоа е внатрешно прашање на Казахстан.

О.К.

фото: theguardian.co.uk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1