ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/6/22 4:30 PM

Прославата на Бадник во тетовско започна од Свети Георгиј во Мала Речица кој беше целосно опожарен во 2001-та

Бадниковите гранчиња во манастирскиот комплекс свети Георгиј во Мала Речица се осветија и како што налага традицијата се разнесоа низ домовите на тетовци, кои и оваа година од утринските часови на Бадник беа собрани во ова духовно светилиште да го прослават празникот.

-Ова е голем дел за православните граѓани од тетовско. Цела недела работевме тука, вчера подготвувавме јадење за верниците. Доаѓаме често, душата е полна. Годинава има 20 кумови, за да не биде трошокот голем.Обврската на кумовите е да се помогне за храната и одредена сума да се даде .Ова е одлично за нас православните, ги носиме и помладите за да видат како се одржува традицијата, рече Миле Димовски, еден од кумовите кој со останатите 19 кума се грижи за достојно одбележување на овој празник.

Манастирот Свети Георгиј во Мала Речица во воениот конфликт во 2001 година беше целосно опожарен. Од црковниот одбор велат дека се оди според планот за обнова. Изградена е манастирската црква, конакот, пропратните објекти, останува да се фрескоживописа уште дел од црквата. Се работи за значаен духовен објект, каде од него започнала уникатната традиција за Тетово, палење на бадникарскиот оган. Но, сега таа традиција продолжува само во градот, тука веќе е укината, оти како што велат од црковниот одбор, не е според православната црква.

-Одржуваме традиција. Тука се осветува бадниковото гранче и се носи во Тетово, во домовите на граѓаните. Минатата година поради пандемијата беше во прекин, но годинава еве верниот народ дојде и се продолжи традицијата. Манастирот оди напред, останува уште мал дел од фрескоживописот. Според православната црква, тука повеќе не се пали оган, само се прави маслосвест и се осветуваат бадниковите гранчиња, рече Илија Симјаноски од црковниот одбор.

Манастирската црква Свети Георгиј Победоносец за прв пат се споменува во 11 век. Три пати е палена и уривана, но Свети Ѓорѓија како што вели народот, пак си се враќа дома.

-Првите почетоци на манастирот се споменуваат во време на императорот Аргир 3 во почетокот на 11 век, каде што во едни записи се споменува Свети Георгиј победонесец во Мала Речица. Потоа се споменува во 1500 година, во времето на Стефан Немања, каде според тогашните кажувања црквата во Мала Речица била ослободена од давачките кон државата. После исто така еден подолг период нема пишани податоци се до 1934 година кога на еден тетовченец Ѓоце Митруш му се сонува дека ќе најде темели на запалена и урната црква. Тој со другари тука наоѓаат икона од свети Георгиј Победоносец и потоа во 1936 се возобновува манастирот, но потоа пак е запален за време на втората светска војна, а потоа во 1960 пак се обновува црквата. И знаете потоа во 2001 година пак црквата се пали. Се формира одбор за обнова на манастирот и пак се гради манастирот, кој пред две години се освети, вели Мирослав Илиевски од црковниот одбор кој воедно е и архитект на манастирската црква Свети Георгиј во Мала Речица.

Манастирот Свети Георгиј во Мала Речица се наоаѓа во населено место со стопроцентно муслиманско население. Но при изградбата, како и сега, духот на толеранцијата и меѓуверскиот соживот се негува. Од Албанците соселани немаме никакакви пречки, напротив за време на градењето тие дури и помагаа, велат од црковниот одбор.

-После 2001 година кога ние сакавме да ја обновиме, направивме контаки со оџата од Мала Речица и муфтијата и наидовме на добар прием од нив. Рекоа дека тоа што се случило се случило, се оградија од тоа и кажаа дека тоа го направиле дојденци. Дури Албанците мештани помагаа во вода, струја и некое донации. Да не беа тие немаше вака да изградиме ,а и ден денеска нема никакви проблеми, сожителството си продолжува, вели Мирослав Илиевски од Црковниот одбор

Инаку во манастирската црква Свети Георгиј се празнуваат повеќе празници, а празник на манастирот е Ѓурѓовден.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1