ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/5/22 4:26 PM

(Видео) Сите достоинствено да ги поминат Бадник и Божиќ – „Божиќна трпеза“ и годинава ги сплотува радовишани

Да го негуваме човечното во нас, да споделуваме, да се грижиме и да се радуваме меѓусебно – ова е целта на иницијативата „Божиќна трпеза“,  акција за донирање на храна. Ова е и традиција која во Радовиш датира од 2010 година, кога и за прв пат акцијата се организирала во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Околу 120 пакети со разноврсна храна денеска, во пресрет на Бадник и Божиќ, ќе стигнат малку да им го разубават секојдневието и да израдуваат семејства од социјален ризик во Општина Радовиш.

Целта, според Теодора Костовска од невладината „Art of living“, е во пресрет на големиот празник, макар за миг луѓето да се израдуваат и да веруваат во она што е добро.

– Јас сум дете кое растеше со браќата Андерсен и бајките и ова што стои како резултат е девојчето со ќибритчињата. Секогаш ги имам предвид оние деца кои исто така имаат и Божиќ и Бадник, а не се во можност тие или нивните родители самостојно нешто да направат. Оттаму тргна и идејата, поддржана од луѓе кои навистина мислат така, кои сакат да споделат толку колку што имаат. Она што е важно е дека сите донатори се анонимни, а луѓето каде ќе отиде оваа храна исто така не знаат за тоа. Без никакви реклами и промоции, целта е грижата и есенцијата на Божиќ, а тоа е делењето, и целта е божиќната трпеза да се помине со малку радост и спокојство, вели Костовска.

Во „спремањето на Божиќната трпеза“ со години учествува и општината, а радовишани според градоначалникот Ацо Ристов, како и вообичаено ја покажаа својата хуманост.

– Идејата е многу едноставна, сите заедно од овој град и сите добри луѓе кои сакаат да помогнат, да собереме помош за оние кои не можат да си дозволат. Ние помогнавме да се направи оваа акција која стана традиционална за собирање на храна пред Божиќ и божиќната трпеза. Оваа година за чудо собравме повеќе од сто пакети кои денеска ќе бидат дистрибуирани до сите на кои им се потребни и се надевам дека ќе најдат мир и задоволство за Божиќ. Им го честитам Божиќ од името на Општина Радовиш на сите православни и се надевам дека годината пред нас ќе им донесе на сите многу повеќе среќа, љубов и бериќет, рече Ристов.

Банер за Супер7
1x1