ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/5/22 3:38 PM

Глумат жртви дека директорот политички не ги пуштил да влезат, вели Ален Георгиев, директор на штипската Клиничка болница за инцидентот со првото бебе

Првото новороденче кое по четири дена во новата година пристигна во Штип, освен „шоуто“ кое го приреди вчера, и денеска продолжи да биде причина за „препукување“ меѓу Општината и штипската Клиничката болница.

Откако вчера на градоначалникот Иван Јорданов не му беше дозволено да ја направи традиционалната посета на првата рожба, тој разочарано настанот го нарече преседан, а со истиот збор денеска ја оцени ситуацијата и директорот на Клиничката болница, Ален Георгиев.

Тој е категоричен дека тоа било режирана театарска претстава, иако вчера за момент се надевал дека се работи за недоразбирање.

– Верувам дека во светот не постои случај градоначалник да ги прескокне сите инстанци во една болница, кои по редот на нештата се должни да му го организираат престојот овде, и без никаква најава, ниту кај директорот, ниту кај главната медицинска сестра, раководителот на одделот или кај дежурниот лекар, да се појави на вратата пред акушерското одделение во термин во кој тој сметал дека треба да е таму, неполни три часа по породувањето на пациентката, вели Георгиев, според кој ова е флагрантно непочитување на установата во која доаѓа на гости и дрско однесување кое граѓаните не го паметат од било кој градоначалник.

Според директорот најран термин за посета на родилката било доцна попладне или навечер. Георгиев тврди дека во 13 часот се слушнал со некој од Општината и им рекол дека терминот во кој тие најавиле дека ќе дојдат е многу рано, а понудил да ги пречекаат во било кое друго време и достоинствено да го одбележат раѓањето на првото бебе.

– Со ветување дека веднаш по консултација со градоначалникот ќе ме побараат да го договориме терминот, заврши муабетот. Тие се појавија по половина час глумејќи жртви дека директорот политички не ги пушта да влезат. На моите повици после 13:30 часот воопшто не одговорија, вели Георгиев.

Обвинувањата кон него дека е „нехуман и нечовечен“, вели дека за него, човек кој 21 година е во служба на пациентите, се смешни. Здравјето на новороденчињата и родилките за него се пред се и терминот кој гинеколозите го процениле за посета, се должни сите без исклучок да го почитуваат.

Со реакции денеска излегоа и двете политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои стојат позади „главните актери“, Георгиев и Јорданов.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција  оценија дека вчерашната ситуација фрлила црна дамка на среќниот настан. Координаторот на штипската советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов, вели дека директорот претходните години не ги почитувал протоколите, но оваа година за прв пат ги бара.

– Истиот директор во минатото со цела екипа неколку часа по породувањето се сликал и давал изјава за медиумите, но годинава даде груба забрана. Ваков случај не е забележан во ниту една општина во државата и очигледен е политичкиот мотив и личната фрустрација на директорот, вели Иванов.

На ваквата прес-конференција на партијата, од СДСМ одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ го политизира настанот, зашто тие како партија немаат влијание врз протоколи утврдени од стручни лица.

– Градоначалникот и лицата за протокол во неговиот кабинет треба да знаат дека постојат протоколи во рамки на институциите, а за здравствените институции тие се посебно строго дефинирани, велат од СДСМ.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1