ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/11/22 1:00 PM

Децата не смееме да ги чуваме во стаклено ѕвоно, а маските кај најмалите се непотребни – Интервју со д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар

Пандемијата ги покажа сите недостатоци на здравствениот систем, односно ја покажа потребата од итна реформа. Новиот предлог закон за здравствена заштита уште недонесен крена прашина иако јавноста не е воопшто запозната со решенијата кои треба да произлезат од него. Тој треба да биде прилагоден на потребите на пациентите и на лекарите, а на специјалистите ќе им дозволи истовремено да работат во приватниот сектор.

Дали ова ќе значи пациентите повеќе ќе загубат отколку да добијат и дали одливот на медицински кадар во странство ќе биде спречен со измените? На овие теми, како и за текот на пандемијата со ковид-19 и влијанието на мерките за заштита врз детското здравје, ММС разговараше со д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар и поранешен директор на Детската болница „Козле“ кој добро ги познава состојбите во здравството.

Добро ги познавате состојбите во здравството. Новиот закон за здравствена заштита крена прашина уште не донесен. Кои се новитетите во него и дали законот е прилагоден на современите потреби на пациентите и лекарите?

– Тема која требаше да биде решена многу одамна но за жал и покрај сите најави, овој закон доби дополнување само во овој кризен период во делот на вонредни мерки донесени со уредба од владата. Инаку за волја на вистината последно нешто сработено во тој закон е дури далечната 2016 година. Експертските комисии не се состанаа , бидејќи сметам дека немало ни иницијатива а ниту желба да нешто биде реализирано. Предлозите за измените и надополнувањата на законот за здравствена заштита се изработени од поодамна, но да се надеваме дека во периодот кој претстои ќе се има волја и нови сили да се реши и овој важен закон кој е во корист на граѓаните а и медицинскиот персонал.

На специјалистите ќе им се дозволи да работат истовремено во приватниот сектор. Дали тоа значи дека пациентите од јавното државно здравство повеќе ќе загубат отколку да добијат?

– Сите поранешни предложени промени во законот за здравствена заштита навестуваа таква реална ситуација каде ќе биде дозволено на специјалистите да можат да работат  во некоја здравствена институција по завршување на работното време во својата матична установа. Бенефитот е огромен затоа што пациентите ќе имаа можност тој избран лекар го најдат надвор од предвидената шема на мој термин со која работиме ние специјалистите. ФЗО, заедно со Минстерство за здравство, Министерство за финансии, Министерство за труд и социјала  и  заеднички со сите експерти а и секако и одредени граѓански групации ќе учествуваат во изготвување на овие така наречени здравствени пакети кои ќе опфаќаат здравствена услуга на граѓаните во било која институција од која ќе имаат потреба, а во исто време, да не се оштетува здравствената каса. Би го  посочил како шаблон и прилагодлив водич Бизмарковиот модел на здравствен систем кој датира од 1883 година и се користи во многу светски држави: Германија, Јапонија, Франција, Австрија и Словенија. Тој се темели на принципот на одржливост и взаемна соработка организиран меѓу државата, осигурениците , осигурителните компании, здравствената каса и сите здравствени установи.

Што со оние лекари кои заминуваат од земјава. Имаше најави за одредени стимулации, но како навистина да го спречиме одливот на квалитетен кадар, гледате ли решение?

– Можеме  слободно  да кажеме дека навистина не се спречи истекувањето на медицинскиот кадар, токму и само поради фактот дека не се донесени вистинските закони. Требаше да има и реформи во ФЗО каде ќе беа соодветно прилагодени здравствените буџети како за потребите на самата болница така и за примањата на медицинскиот персонал. Сметам дека сите државни институции можат да се мерат со сите приватни болници кај кои гледаме дека медицинскиот персонал е платен а и со тоа ќе се задржат сите идни генерации на обучен медицински кадар.  Уште една важна реформа која треба да биде внесена час поскоро, која ќе ни дозволи тотален увид во сите системски трошоци на една здравствена институција, побарувањата, потрошувачката, но и опсегот на интервенциите, потрошените лекарства, медицински потрошен материјал, опрема и сервис на истата и постојана онлајн 24 часовна покриеност и комуникација на институцијата со здравствената каса. Поврзаност на сите професионалци , колеги меѓусебно заради побрз и поквалитетен третман преку информациски систем кој е реалност во сите модерни држави и ја олеснува работата, ни е потребен и нам како држава.

Две години поминаа од стартот на пандемијата и се уште ги имаме истите проблеми во системот. Вие бевте дел од комисијата за заразни болести. Си ја одработи ли добро комисијата својата работа, има ли одлуки кои од денешна дистанца би ги промениле?

– Па секако дека борбата продолжува, да се надеваме дека наскоро ќе е минато. За одбележување е дека одредени институции кои не беа специјализирани за инфективни болници успејаа да се прилагодат и да функционираат и да спасуваат животи. Во самиот старт на пандемијата можам слободно да кажам дека работата на комисијата за заразни болести беше беспрекорна и дека контрола постоеше  апсолутно, баш тогаш се работеше на дневно ниво, секојдневно и со вистински професионалци од сите области. Што е тоа што не треба да биде сменето е да се остават професионалците да ја водат работата, а не политичарите, да не се сервилни одредени групации и да се сетат дека ја имаат дадено Хипократова заклетва која ги обврзува и има своја тежина. Ние сме држава во самиот врв според смртност, тоа е грешка во делот на организацијата. Секако дека досега многумина го кажаа својот глас и мислење, но не се прилагоди пак здравствениот систем како што се очекуваше. Сметам дека клучни се секојдневни мерки и постојано следење на ситуацијата, секојдневно работење на комисијата  со што ќе доведе до одлична контрола која сега недостасува.

Омикрон сојот на ковид-19 веќе влезе во земјава. За каков сој се работи според вашите сознанија? Треба ли да стравуваме?

– Секојдневно се следат новите информации околу тој сој, можам да напоменам од сите колектирани информации дека станува збор за сој кој е поагресивен но со полесна симптоматологија и поблаг тек на болеста. Останува да сите стручни лица постојано се информираат да ја следат будно ситуацијата во нашата држава и воопшто да не се направи простор за паника.

Децата беа посигурна група отпорна на ковид. Ќе може ли да одговори системот ако сојот ги нападне и најмладите или тоа не може да се случи?

– Од досегашните искуства , видовме и знаеме дека децата не се подложни на тешка клиничка слика на ковид-19. Тука би напоменал дека највнимателни треба да сме кај децата со доста коморбидитети, имунодифициентни деца, деца со кардиолошки недостатоци, онколошки заболени, системски заболувања. Бројот на хоспитализации секаде низ светот не само кај нас е многу мал , место за паника нема. Имаше според мене некој вид на некординирани и проблематични информации дека масивно се хоспиталиираат деца што според мене а и според волја на вистината и извештаите беа еден вид лажни вести креирани од неупатени луѓе.

Многу родители покренаа иницијативи за да се укине мерката за носење маска во училиште. Има ли потреба да носат маска најмладите во ситуација кога дома нивните родители се во контакт со луѓе кои не носат маски во ресторани и на работа?

– Следењето на насоките од СЗО ние ги применивме кај нас секако дека во договор со надлежните, иако тврдам децата маските во училиштата не ги носат правилно. Можеби не е популарна мерка, но тоа е мерка која нуди некоја заштита од директна имликација преку капков пат. Децата се вектор на пренесување но сепак јавно кажувам дека повторно треба да се стават работите на вага и да се проверат сите податоци и анализи за тоа колку се прележани, колку се имунизирани од севкупната популација во државата па тогаш да се донесат нови правила и мерки. Ќе одбележам еден момент дека ковид-19 инфекцијата е различна од регион до регион и ние треба и така да сите мерки ги прилагодуваме на нашите услови. Маските кај најмалите ученици сметам дека се не функционални и се непотребни.

Да го тргнеме ковидот настрана, вие како педијатар знаете дека ова е сезона на разни вируси кои ги напаѓаат децата. На што треба да внимаваат родителите и дали треба да ги затвориме децата дома пред мобилен телефон за време на распуст?

– Секако дека децата поготово најмалите се подложни на вирози 6 до 10 пати во текот на годината. Децата не смееме никако да ги затвориме под стаклено звоно, напротив треба постојано да се адаптираат и нивниот имунолошки систем да учи и да се адаптира. Секако дека препорачувам активности , суплементација и здрава исхрана , само така ќе им помогнеме да станат силни и подготвени на сите предизвици кои ги очекуваат во текот на нивниот раст и развој. Единствено да се внимава и да се избегнуваат  затворени и непроветрени простории каде има голема фреквенција на луѓе. Инаку природата е нашиот најдобар сојузник.

Кога ќе заврши епидемијата, кога овој вирус ќе добие ист статус со грипот или другите вируси за кои има вакцини?

– Ако сакате да ви ја кажам мојата желба е веднаш да ја снема оваа болест, а не да ја рангираме но реалноста е друга. Генералните ставови на СЗО и на другите институции светски се менуваат постојано , сите се заложуваат за масовна имунизација и за привикнување кон вистинско утре дека оваа ќе е вообичаеност и реалност. Сметам дека кај овој вирус ќе има опаѓање на инвазивноста и силата , токму заради неговата способност за мутирање . Единствено нешто кое е и најново препорачано е пак повторно дистанца, носење на маски , зголемување на имунитет, миење раце и  соодветна имунизација.

Орце Костов

Фото: Приватна архива/Sitel.com.mk/ respublica.edu.mk

Банер за Супер7
1x1