ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/29/21 8:38 AM

(видео) Светиниколчанецот Славче Таневски го креира „мерцедесот“ од иднината

Во тимот од осум луѓе, кои работат на надворешниот дизајн на новите возила на компанијата „Мецедес – Бенц“ веќе 10 години работи Славче Таневски, Македонец, роден светиниколчанец. Градот каде живее семејството Таневски, е горд со успесите на Славче, кој оваа година се закити и со признанието Свети Николе, што секоја година се доделува на најуспешните по повод патронот. Ова му беше прво признание од родниот град, но и прво воопшто во Македонија, за која вели дека секогаш со гордост кажува дека е негова татковина.

Овој талентиран дизајнер вели дека често доаѓа дома, кај неговите родители, од Штудгард, каде живее. Во Свети Николе е за секој поголем празник и ужива кога е родниот крај. Има три месеци одмор, поради динамиката на работа, бидејќи како што објаснува, кога е во креативен процес минува часови и часови во работа, но затоа компанијата враќа со слобода да користи долг одмор.

Со Славче Таневски во очи на Свети Никола на доделувањето на признанието, разговаравме за неговиот живот во Германија, каде заминал да студира со 19 години, за неговата работа во „Мецедес – Бенц“, за тоа како настанува еден нов модел, но секако сакавме да знаеме што работи сега и кои се трендовите.

-Во моментот што работам, не смеам да откријам, со насмевка вели Славче и објаснува како оди тој процес, додавајќи дека сега се работат „возилата од иднината“.

-Секогаш работиме 3-4 години во иднината. Моментално работиме на возилата од 2024 година. Моето задолжение е екстериерот на Мерцедес – Бенц на сите возила, возилата од брендот AMG, Maybach и Q. Сликовито да објаснам, целата надворешност на автомобилот ја правам јас, односно целиот тим во кој работам. Мојата работа е цело време натпревар со моите колеги, секогаш се трудам да го добијам проектот за кој се натпреварувам. Успеав во седум такви проекти, објаснува Славче Таневски.

Љубопитни бевме да дознаеме како изгледаат тие „возила на иднината“.

-Како што реков, не можам да откријам, но се трудиме секогаш да го задржиме традиционалниот изглед на Мерцедес, по тоа што е препознатлива марката. Сепак се работи за марка на автомобили со најдолга историја во автомобилската индустрија, но секогаш додаваме нова доза на модерен изглед на новите возила и сето тоа зависи со кој погон се придвижуваат возилата. Актуелен е електро-погонот. Нашите електро-возила се тивки, не произведуваат звук, не произведуваат CO2 емисии и така изгледаат помазни, потивки, но сепак се препознатливи како Мерцедес – Бенц. Апсолутно се оди со електро – погон на возилата, со батерии во самото возило, додека водородот е се’ уште во експериментална фаза и е резервиран повеќе за товарните возила, вели Таневски.

Дизајнери, скулптори, експерти за аеродинамика работат на новите возила

За да се разбере креативната работа во компанијата со славните модели, Таневски вели дека мал е тимот за надворешен дизајн, додека многу поголем е техничкиот. Меѓу креативците има и скулптори.

-Релативно е мал тимот за надворешен дизајн, во однос на тоа дека имаме многу возила, многу проекти за завршување. Работиме осум луѓе на екстериерот, има посебен тим за ентериер, имаме нов голем тим, којшто се зголемува од ден на ден, секогаш гледам нови колеги на работа, такви задолжени за интерфејс дизајн, јувикс дизајн, кои го изработуваат тој дигитален  свет во внатрешноста, со цел да се добие едно холистичко, ново доживување за патниците и за возачот и мал милион други колеги кои работат на техничкиот дел, аеродинамиката итн.

Креативната работата во „Мерцедес“ не е работа од 8 до 5

33-годишниот Таневски пред 14 години заминал во Германија, на студии на Факултетот за дизајн во Минхен и веднаш по завршувањето се вработил во  главното дизајнерско студио за Мерцедес  Бенц возилата во Зинглефинген и таму е веќе 10 години.  Како професионалци, вели дека имаат доста голема слобода, затоа што од нив се очекува креативна работа, не е работа од 8 до 5, со некоја норма и се’ е оставено на нивна одговорност.

-Доста сме слободни во креативниот процес. Работниот ден ми изгледа различно. Сега со пандемијата работиме од дома кога е тоа можно, кога скицираме или генерираме нови идеи, додека кога имаме некој нов проект, кој што се изработува како физички модел од глина, тогаш морам да бидам на работното место и заедно со техничарите, инженерите, луѓето од аеродинамиката го осознаваме моделот на лице место.

Можете да си претпоставите автомобил во физичка димензија, изработен од глина на кој работат 4-5 скулптори нон стоп, го моделираат, го менуваат постојано, цело време моделот се менува и тука сум јас како контрола да биде моделот издржлив односно подготвен за изработка во сериско производство, да го задржи квалитетот на сите аспекти коишто ги бара Мерцедес, по сите норми и секако да изгледа убав, ни го раскажа Таневски овој специфичен креативен процес.

Го прашавме дали му се случило некој многу богат, како познатите шеици да дојдат со куп злато и да побараат специфичен дизајн, само за него.

-Мерцедес е насочен кон производство на возила за масовна употреба и тоа останува и во иднина, вели Таневски.

Мерцедес на електричен погон, многу почесто и повеќе по улиците на големите градови со моделот од иднината е нешто на што ќе стои потписот на светиничколчанецот Славче Таневски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1