ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/22/21 11:47 AM

Омикрон ја турна цела Европа во локдаун, нови мерки пред божикните и новогодишните празници

На прагот на Новата година Европа воведува нови „празнични“ мерки, додека омикрон сојот продолжува да се шири низ континентот. Германија и Португалија се меѓу нациите кои најавуваат пост-божиќни ограничувања и постоги мерки на социјално дистанцирање.

„Зголемениот број на заразени ќе ги доведе здравствените системи до работ на колапс“,  предупреди Ханс Клуге, највисокиот функционер на Светската здравствена организација на Европа.

Европската комисија денеска донесе одлука за промени во користењето на дигиталните сертификати за ковид. Баровите и рестораните во Финска ќе мора да се затворат во 22 часот на 24 декември, додека нордиската нација бележи рекорден број на инфекции. Од 28 декември во следните три недели рестораните ќе работат до 18 часот со ограничен број седишта.
Патниците кои доаѓаат од Шенген зоната ќе треба да покажат негативен тест за ковид.
Во Велика Британија, министерот за здравство Саџид Џавид најави дека луѓето заразени со Ковид во Англија ќе можат да го завршат карантинот по седум дена, наместо 10, доколку се негативни шестиот и седмиот ден.
Премиерот Борис Џонсон претходно ја отфрли можноста за воведување какви било мерки за Англија пред Божиќ, но Шкотска, Велс и Северна Ирска најавија ограничувања на социјалното мешање.
Во Шведска, од среда, баровите, кафулињата и рестораните ќе можат да услужуваат само гости со седење, а од луѓето е побарано да работат од дома доколку е можно.
Холандија, исто така, воведе построги мерки, најавувајќи строго заклучување во понеделник.
Премиерот Марк Руте најави заклучување, наредувајќи затворање на сите продавници освен главните, како и ресторани, фризерски салони, спортски сали, музеи и други јавни места, до 14 јануари.
Германија најави дека од 28 декември ќе ги ограничи приватните собири на 10 лица, додека ноќните клубови ќе бидат затворени, а фудбалските натпревари од тој датум ќе се играат зад затворени врати.
„Корона вирусот не прави божиќна пауза. Не можеме и не смееме да ги затвориме очите пред овој следен бран, кој почнува да лебди над нас“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во меѓувреме, Португалија нареди затворање на баровите и ноќните клубови на 26 декември, а работата од дома е задолжителна од тој датум до 9 јануари. Собирите на отворено ќе бидат ограничени на 10 лица.
Европа веќе има регистрирано 89 милиони случаи и 1,5 милиони смртни случаи поврзани со Ковид. Омикрон сојот е регистриран во најмалку 38 од 53-те земји во Европскиот регион на СЗО, во кој спаѓаат и Русија и Турција, а е доминантен во неколку држави.

Извор: Telegraf.tv


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1