ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/16/21 12:29 PM

Во светот годинава се приведени 488 новинари и медиумски работници, најмногу во последните 25 години

„Репортери без граници“ (РСФ) соопштија дека оваа година ширум светот биле приведени 488 новинари и медиумски работници, заклучно со 1 декември, што е најголемиот број откако организацијата почна да го објавува својот годишен преглед пред повеќе од 25 години.

Бројот на медиумски професионалци приведени поради својата работа е зголемен за 20 отсто во споредба со минатата година, главно поради медиумското гушење во Мјанмар, Белорусија и Хонг Конг, објави „Репортери без граници“ во својот годишен извештај за слободата на печатот објавен денеска.

Спротивно на тоа, бројот на убиени медиумски работници оваа година, 46, е најмал откако Париската група за слобода на медиумите почна да објавува годишни извештаи во 1995 година, поради релативното „намалување на конфликтите“ во Сирија, Ирак и Јемен.

Најсмртоносните земји повторно беа Мексико и Авганистан, со седум, односно шест смртни случаи.

Одговорноста за повеќето од нападите врз новинарите во Авганистан ги презеде локалниот огранок на Исламската држава или Талибанците, а се вели дека оние кои стојат зад нив уживаат „целосна неказнивост“.

Кина е најголемиот затвор во светот за новинари и медиумски работници, петта година по ред, со 127 од нив во затвор до 1 декември, главно поради зголемената контрола на Пекинг врз Хонг Конг, според РСФ. Мјанмар е втор со 53 затворени новинари, а потоа следи Виетнам со 43. Белорусија е трета со 32 новинари и други медиумски професионалци, како медиумски менаџери, директори, сметководители или адвокати зад решетки, споредено со седум во исто време минатата година.

Од „Репортери без граници“ велат дека никогаш не регистрирале толку многу новинарки во затворите ширум светот, вкупно 60, што е за третина повеќе од пред една година. Како заложници ширум светот имало 65 новинари, речиси сите на Блискиот Исток, Сирија, Ирак и Јемен, освен еден француски новинар приведен во Мали.

извор: RS.N1


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7