ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/13/21 8:10 AM

Еврото веќе нема да биде исто – Целосно редизајнирање на банкнотите до 2024 година

Европската централна банка (ЕЦБ) најави дека наскоро ќе започне со менување на дизајнот на банкнотите на еврото, а целиот процес треба да заврши до 2024 година.
Еврозоната, поточно монетарната унија на земјите членки на Европската унија (ЕУ) е формирана на 1 јануари 1999 година, а монетите и банкнотите се пуштени во оптек во 2002 година.

По 20 години, претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард објави дека е време да се размислува за целосна промена на дизајнот, пренесува Klix.ba.

„После 20 години, време е да го преиспитаме изгледот на нашите банкноти за да ги прилагодиме на Европејците од сите возрасти и потекло. Тие се опиплив и видлив симбол на Европа, особено во време на криза и се уште има голема побарувачка за нив“, рече Лагард.

Како што потсети таа, банкнотите на еврото во моментов се базираат на теми поврзани со „мостови, прозорци и порти“ кои ја симболизираат Европа.

Лагард изјави дека ЕЦБ ќе формира фокус групи во наредниот период за да ги собере мислењата на луѓето ширум еврозоната за тоа како би можеле да изгледаат идните банкноти.

Советодавната група, составена од по еден експерт од секоја земја-членка на еврозоната, потоа ќе ги избере предлозите кои ќе влезат во потесниот круг. Експертите доаѓаат од областа на историјата, природните и општествените науки, визуелните уметности и технологијата.

За целиот процес зборуваше и членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета, кој рече дека со редизајнот на банкнотите се планира да се постигнат неколку цели.

„Сакаме да развиеме банкноти со кои граѓаните на ЕУ ќе можат да се идентификуваат и да кажат дека се горди што ги користат. Процесот на редизајн на банкнотите ќе се спроведува паралелно со нашиот план за воведување на дигиталното евро“, рече Панета.

Иако банкнотите на еврото претрпеа одредени промени во минатото, тие ќе претрпат целосен редизајн за прв пат по 20 години.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7