Ниту велешките чорбаџии не го сопреа описменувањето на Џинот - ММС на богослужба во најстарото училиште „Св. Ѓорѓија“ , што се отвора два пати годишно
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/9/21 1:28 PM

Ниту велешките чорбаџии не го сопреа описменувањето на Џинот – ММС на богослужба во најстарото училиште „Св. Ѓорѓија“ , што се отвора два пати годишно

Денес на големиот празник „Свети Ѓорѓија“ се отвори барем на кратко, најстарото училиште во Македонија во кое Јордан Хаџи Константинов-Џинот ги удрил темелите на преродбеништвото и предавал на македонски народен јазик.

ММс беше во куќата, каде е сместена црквата и беше од богослуѓбата за празникот „Св. Ѓоргија“, еден од двата дена кога е отворена. Втора пат во годинава оваа куќа-црква се отвора за Ѓурговден.

„Свети Ѓорѓија„ е православна црква (параклис) која се наоѓа во куќа во велешкото маало Прцорек на југоисточната страна од градот и е прогласена за културно наследство на Македонија поради нејзиното значење за народната просвета.

Црквата која сега и припаѓа на Повардарската епархија на МПЦ – ОА од надвор изгледа како и сите куќи во маалото, но внатре има олтар, иконостас и повеќе икони и фрески.

– Немаме точни податоци за време на нејзината изградба. Но, се претпоставува дека е изградена во средината на 18-от век помеѓи 1740 и 1766 година. До 1913 година црквата била имот на Рилскиот манастир од Бугарија по што била запоставена. Црквата изгледа како обична куќа затоа што верниците ја криеле од Османлиите кои во тоа време ги уривале сите христијански храмови и на истото место граделе џамии. Храмот се отвора за јавноста двапати во годината за Ѓурѓовден на пролет и за „Св Ѓорѓија“ на есен, односно тогаш држиме богослужба за верниците кои доаѓаат во голем број – истакна за ММС еден од свештениците од Повардарската епархија пред да почне богослужбата.

Не сите верници знаат дека во 1857 година во оваа црква се формирало првото училиште во земјата во кое се учело на македонски јазик и на македонско писмо благодарение на упорниот Јордан Хаџи Константинов – Џинот.

На приземјето каде што сега верниците се молат и палат свеќи учеле машките ученици, а на горниот кат биле женските ученици. Историските архиви велат дека Џинот тука ги одржувал и претставите од неговите први драмски дела.

– Над оваа просторија има мала училница која се наоѓа на подкровје на објектот. Лево од олтарот има внатрешни скалила кои водат до неа. Џинот се соочувал со потешкотии затоа што вовел настава на македонски народен јазик и нови современи наставни методи кои подоцна учениците ги применувале во занаетчиството и трговијата. Имал притисоци од грчката патријаршија која реагирала откако велешките чорбаџии го пријавиле кај тогашниот владика – додава свештеникот за ММС.

Џинот неколкупати бил наклеветен од богатите велешани и грчкиот владика дека е антидржавник кој работи како руски шпион и турските власти неколкупати го протерале од Велес. При последниот прогон во градот Ајдин во мала Азија, на патот доттаму го загубил десното око од физичкото злоставување.

Џинот напишал шест оригинални драмски сцени и е првиот драмски писател во Македонија, па театарските почетоци се поврзани со неговото име. Во ова училиште, според запишаните сведоштва на неговите ученици, тие на првиот кат од куќата ја одиграле неговата драматизација на народната приказна „Мечката и селаните“.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7