ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/2/21 1:31 PM

Укинување на надоместокот од 15 денари за кеса, нема пазарна логика и е многу повисок од други земји, бараат производителите на пластични маси

Цената на кесите за пазарење од вчера изнесува 15 денари, што преставува дополнителен удар за производителите, трговците и граѓаните. Надоместокот кој ќе го плаќаат граѓаните за една кеса од 15 денари претставува дополнителен финансиски товар, во време на економска криза и пандемија. Производителите на пластични кеси се соочени со големи проблеми бидејќи голем дел од нарачките се откажуваат, со што значително се намалува обемот на работа. Неопходен е системски пристап и инклузивност во процесот на носење на одлуки со вклучување на сите засегнати страни, како и соодветен период на прилагодување кон новите законски решенија.

Ова е ставот  на Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси, при Сојузот на стопански комори на Македонија, од каде бараат целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, затоа што е донесен без консултација на приватниот сектор и погодува цела индустриска гранка.
„Употребата на оксо-биоразградливи кеси останува до 01 Јуни 2023, а потоа треба да бидат заменети со биоразградливи. За тоа да се обезбеди потребни се дополнителни инвестиции, обука на вработените, а дадените роковите се премногу кратки. За споредба, во Германија донесен е закон во 2015 година со кој на производителите им се остава рок од 7 години за адаптација и пренамена на своето деловно работење. Исто така во ниту една држава не е целосно забранета употребата на најтенките кеси под 15 микрони кои се користат за размер на овошје и зеленчук, како што е кај нас“, истакна Ели Качева, претседавач на Групацијата.

„Примената на законското решение е проблематично и затоа што нема прецизен план и програма за што ќе се трошат средствата кои ќе се уплаќаат на сметката во Министерството за животна средина“, објаснува Качева и додава дека поради недореченостите во законот во моментов владее хаос.
Од Групацијата бараат од Министерството за животна средина да се укине надоместокот од 15 денари, бидејќи не само што нема никаква пазарна логика, туку е и многу повисок споредено со другите држави. Компаративната анализа која ја направиле покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари.

„Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно и во етапи, а неопходно е да се интервенира и во казнените одредби, бидејќи глобите за трговците доколку не водат соодветна евиденција за продажба на кеси, се и до 180.000 евра. Со овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија со 600 вработени, без надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери“, истакнува Качева.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1