ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/3/21 9:30 AM

Модерни времиња се, ниту бракот е она што бил, ниту разводот е табу – Расте бројот на разводи во државава

Институцијата брак од година во година ги губи своите некогашни вредности, а разводот се повеќе како да станува стигма на бракот.

Модерните времиња и новите генерации ги рушат табуата од нашите баби и дедовци, дека разводот е „срамна работа“ и дека по секоја цена треба да се зачува брачната заедница која некогаш главно се склучувала од економски причини и поради потомство.

За помладите генерации е се понормално да стават крај на бракот, од различни поводи.

Искуствата на адвокатите покажуваат дека се почестото двојките избираат развод, како поедноставна варијанта, отколку да се зафатат со решавање на проблемите. Партнерите се се помалку толерантни и се повеќе ја ценат сопствената личност и слобода. Како најчести причини за покренување на развод адвокатите ги наведуваат: неверството, психичкото, физичкото или сексуално злоупотребување, алкохолизмот, финансиските проблеми и безработицата, разликите во воспитувањето на децата.., или, пак,  комбинации со некои од нив. Па, првата „средба“ со ваквите проблеми во секојдневниот живот, станува причина и повод за прекинување на брачната заедница. Адвокатите велат дека зависно од партнерите, има разумни разводи и проблематични кои траат со години поради кавги околу децата, делба на имоти и слично.
„После 14 години брак и две деца, одлучив да се разведам, откако сфатив дека заедничкиот живот нема никаква смисла и различностите во карактерите стануваа се поизразени. Караниците пред децата станаа секојдневие, а имавме и финансиски проблеми кои не притискаа подолг период. Сето тоа за децата беше голема траума. Дополнителен мотив за разводот беше неговата љубовна врска со друга жена, која не ја ни криеше. Тоа што имав работа и бев економски своја, како и поддршката од семејството, ми помогна брзо да се решам да поднесам барање за развод. До денес, и по 20 години, не се покајав за одуката“, вели А.Т. (60) од Скопје, според која, финансиската незавиност е еден од најбитните услови за одлуката за развод.

Таа оценува дека во денешните општи социо-економски- политички времиња, време на брзо и нервозно живеење, трка по заработка…се повеќе се намалува трпеливоста, толеранцијата и компромисот меѓу брачните другари и браковите често „пукаат“.
Според социологот Ѓорѓи Тоновски, има два контрадикторни става околу разводите. Едниот е дека е тој последица на еманципацијата на жената и на мажот, а другиот е дека е тоа начин да се излезе од семејното насилство.
„Новиот општествен амбиент и демократските процеси се повеќе го истакнуваат индивидуализмот и кај мажот и кај жената, а нивото на толеранција, посебно кај младите, се повеќе опаѓа. Тие не се како претходните генерации кои секогаш биле спремни на компромис во бракот. Потоа, тука е и различниот начин на воспитување од родителите, кои прават од децата индивидуални личности“, вели Тоновски за ММС.

Фото: Фактор.мк

 

Во секој случај, како што посочува тој, крајна оценка е дека се поголемиот број на разводи во државава упатува на нови социјални односи меѓу луѓето, на растурање на заедницата, и секако, на пад на наталитетот од година во година.
„И покрај тоа, никој во државава не нуди одговор како да се спречи ваквата загуба за општеството што настанува со надминување на бракот како социјална категорија, и која би била другата форма на заедничко живеење“, вели Тоновски.

Статистичките податоци покажуваат раст на бројот на разводи во земјава. Бројките горе-долу се движат на околу 1.000 разводи на годишно ниво. Последната информација од Државниот завод за статистика за третото тримесечје од 2021 покажува дека, од почетокот на годинава до крајот на ноември, во државава се разведени вкупно 1.531 бракови. Оваа бројка во 2020 година во екот на пандемијата, изнесуваше 835 за истиот тој период, веројатно поради нецелосното функционирање на институциите. Една година претходно, 2019, за трите тримесечја имало 928 разводи, а во 2018, биле разведени 1.311 брачни заедници.


Во последната објавена статистичка анализа на ДЗС за населението, покажува дека во 2018 година се разведени 1.620 брака. Според годините на траење, најмногу бракови се разведени лица со над 15 години брак, при што во вкупната бројка изнесуваат 501 брак. По нив се двојките кои биле меѓу 5-9 години брак, при што кај нив имало 322 разводи.

Според годините на старост, најголема е бројката на разведени мажи на возраст од 35 до 39 години (312), а на жени меѓу 30 и 34 (328). Од вкупните разводи во 2018, најголем е бројот на разводите кај двојките без деца (807). Од сите етнички аедници, најмногу разводи имало кај Македонците (991 мажи и 974 жени од вкупно 1.620), а најмалку, или само по три од двата пола, кај влашката заедница.

Маја Томиќ

Фото: Burner Law Group/ Advocate Ravi/Regieringen.no/expatica


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1