ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/1/21 3:56 PM

Годишно земјава има во просек по 45 случаи со ХИВ, на крајот на 2020 година дијагностицирани вкупно 332 лица

Годишно во просек во земјава се дијагностицираат 45 случаи на ХИВ. Вкупниот проценет број лица со ХИВ би можел да се движи во опсег од 437 до 575 лица, додека бројот на тие кои не биле свесни за својот ХИВ статус би можел да изнесува меѓу 105 до 243 лица. Од проценети 500 лица со ХИВ на крајот на 2020 година биле дијагностицирани 332 лица односно 66 проценти. Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болести.

Ова денеска на прес-конференција по повод 1 Декември, Светски ден на СИДА, го истакна извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни”, Андреј Сених.

– Она што како Здружение не загрижува е дека за жал во изминатите пет години од вкупно 225 регистрирани нови инфекции речиси половина или 48 проценти биле доцна дијагностицирани, а една петтина биле дијагностицирани во многу напреден стадиум на ХИВ инфекцијата. До крајот на 2020 година вкупно 112 лица се регистрирани како починати. Во овие доцна откриени случаи во последниве години регистрираме нешто зголемен број на смртни случаи. Обично има од еден до два или три случаи на смрт во годината. Минатата година имаше повеќе, а тоа се должи на доцна откриена ХИВ инфекција. Кога зборувам за доцна инфекција со ХИВ тоа не значи дека нема спас, рече Сених.

Дури 90 проценти од лицата кои се дијагностицирани во 2020 година, посочи тој, примаат анти ретровирусна терапија, додека од тие кои примаат терапија дури 94 проценти го имаат целосно потиснато вирусот во крвта, со што се прекинува можноста за натамошен пренос на инфекцијата по сексуален пат.

Министерот за здравство Венко Филипче укажа на чекорите кои ги презеле, а тоа е да се зголеми буџетот на програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за следната 2022 година од 90 милиони денари се зголемува на 130 милиони денари.

– Во 2018 година Владата го презема финансирањето на превентивната ХИВ програма од Глобалниот фонд. Во тој момент нашата земја е оценета како земја со прилично стабилна епидемија во однос на ХИВ и во таа смисла започнува системот на финансирање на граѓанските организации кои преземаат еден значаен дел од сите овие активности коишто означуваат превенција, истакна Филипче.

Инфективната клиника на која се дијагностицираат и лекуваат овие лица, посочи министерот, во изминатите години воведе уште еден новитет, а тоа е предпрограмата што сега засега е пилот на проект и тоа е нешто што е тренд и се прави во сите развиени земји во светот.

Тој рече дека на Инфективната клиника не се лекуваат само пациенти со КОВИД-19, туку една од патологиите е и ХИВ.

– И затоа кажувам како специфичен пример е преоптеретена со пациенти кои не се вакцинирани. Значи мора граѓаните да знаат дека не е само Ковид-19, дека мора да се вакцинираат, дека мора да се зголеми стапката на вакцинација, да се постигне колективниот имунитет зошто луѓето заболуваат и од други болести за што експертите едноставно не можат да посветат внимание на се. Ниту имаат капацитет, ниту имаат болнички капацитет итн. Така што, ова е многу специфична тема и ја користам можноста да испратам и низ оваа призма гледано важноста за вакцинација. Остануваме во добра комуникација заради тоа што само работејќи заедно со граѓанските организации можеме да постигнеме повеќе посебно во овие сегменти во кои гледаме и свесни сме дека ни е потребен напредок, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, Сених рече дека најголемиот дел од лицата со ХИВ се вакцинираат и реткост е да се сретнат антиваксерски ставови кај лица со ХИВ.

МИА

фото: МИА/ parenting.firstcry.com

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1