ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/1/21 1:19 PM

Локалните избори беа загубени поради неединство во партијата, рече кандидатот за прв човек на СДСМ, Димитар Ковачевски

Димитар Ковачевски, актуелен заменик министер за финансии и близок човек на премиерот во оставка Зоран Заев, официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ.

– Ја поднесов кандидатурата за претседател на СДСМ во која ја доставив мојата визија и програма која е насловена „Заедно, одговорно и посветено“. Платформата ми се базира врз три основни столбови: социјалдемократска визија, социјалдемократски вредности и јасен систем на одговорности во кој најдобрите ја добиваат шансата за исполнување на сите проекти кои се ветени пред граѓаните – рече Ковачевски.

Иако е директно предложен од претседателот во заминување, Зоран Заев, Ковачевски смета дека нема да биде под политичко влијание.

– Моето работење и интегритет ќе ги потврдам доколку бидам избран за претседател. СДСМ според мене го има најдобриот кадровски потенцијал во земјата. Изборниот резултат од локалните избори се должи на тоа што СДСМ настапи без дел од своите коалициски партнери и дел од партиските членови настапија во свои листи и кандидати. Се појави партиско неединство и тоа ќе ми биде целта, да ја вратиме вербата дека сами можеме да го унапредиме нашето општество – истакна Ковачевски и додаде дека тоа што пред него Фросина Ременски поднесе кандидатура, само го потврдило демократскиот капацитет на партијата.

– Секој член може да се кандидира. Нема да коментирам за другите кои се дел од партијата, туку ќе се посветам на промоцијата на мојата програма.

По констатирањето на оставката на Заев, кој беше на чело на партијата од 2013 година, минатиот петок на 26 ноември Централниот одбор на СДСМ ги распиша вонредните внатрепартиски избори, што ќе се одржат на 12 декември.

 

О.К.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1