ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/1/21 11:25 AM

Фросина Ременски се канидира за претседател на СДСМ

Поранешната пратеничка на СДСМ Фросина Ременски се кандидираше за претседател на внатрепартиските избори. За кандидатура вели се одлучила имајќи го предвид нејзиниот целокупен општествено-политички и партиски активизам.

Ременски очекува во следниот период да се утврдат кандидатите, со што би почнале активностите за претставување на кандидатите пред членовите, симпатизерите и активистите на СДСМ.

– Денеска предавањето на мојата кандидатура има и друг симболизам. Ја предавам во 16-те дена женски активизам за борба против насилството врз жените во политиката, генерално родово базираното насилство, говорот на омраза и нетолеранцијата. Со ова сакам да покажам дека жените и можат и знаат и да ги охрабрам сите жени да не се откажуваат од својот напор, сон, својата слобода и права и да се борат независно од препреките, рече Ременски потенцирајќи дека ја очекува поддршката од нејзините сопартијки и сите членови кои го знаат нејзиниот карактер и придонесот кој го дала изминативе години.

Периодот кој следи Ременски вели дека очекува СДСМ да го искористи за вистинско обединување на членството и намалување на разликите меѓу одредени структури во рамки на партијата.

– Мојата визија за СДСМ во следните пет години е победник во сите процеси пред кои е исправена и само со таква визија и стратегија може да се постигне максимум во она што значи партиско организирање, рече Ременски.

На новинарско прашање дали ќе биде дел од раководството доколку Димитар Ковачевски победи, знаејќи дека е фаворит на раководството на партијата, Ременски вели дека не мисли оти ова ќе биде борба на спротиставени идеи, туку натпревар на умови кои кога ќе се соединат за иста цел и општо добро на државата и граѓаните резултатот не може да изостане.

– Секако секој кандидат кој влегува во некаква трка алудира на победа, јас воопшто не гледам дека оваа моја кандидатура нема да резултира со сериозен резултат кој ќе значи и сериозен импакт во понатамошните политички и партиски одлучувања, рече Ременски.

Освен Ременски и Димитар Ковачевски кој својата кандидатура најави дека ќе ја поднесе денеска, друга пријава за претседателската функција во владеачката партија се уште нема.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1