ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/30/21 1:58 PM

Извидникот кој не сака грашок ја извади темата за приватноста на децата

Видеото со извидникот Петар кој не сака да јаде грашок, објавено во текот на викендот на социјалните мрежи, ги освои симпатиите на македонската јавност. Снимката поставена на Youtube е видена близу 205.950 пати (до 30.11), а непознат број пати е споделувано на социјалните мрежи.

Коментарите се позитивни и охрабрувачки за младиот извидник, кој преку ноќ стана ѕвезда. Меѓутоа, појавата на ова видео, каде главен актер е дете, во исто време покрена бројни прашања во јавноста. Особено по барањето на родителите споделуваното видео да биде избришано. Овој материјал освен што беше споделуван на приватните профили на социјалните медиуми, беше објавен и од повеќе медиуми, главно портали.

Најнапред неколку податоци за видеото.

Снимено е по нарачка на Институтот за комуникациски студии (ИКС), како што објаснуваат од таму, за љубовта на извидниците кон природата. ИКС вчера (29.11.2021) излезе со кратко соопштение, во кое објасни за настанувањето на материјалот.

Институтот за комуникациски студии (ИКС), ја информира јавноста дека видеото со извидникот Петар Ачкоски е сопственост на Институтот.

ИКС овој викенд снимаше кратки видеа за извидниците и за нивната љубов кон природата, но и како треба да ја заштитиме. Секој малолетник кој е сниман е со дозвола на родителите. Материјалот кој се споделува е работен материјал, кој за жал, вирално се прошири.

Извидникот Петар, како и сите други извидници со кои ги снимавме нивните авантури на изворот на реката Бабуна веќе од денеска ќе може да ги следите на социјалните канали на ИКС“, стои во соопштението.

Клучната реченица во соопштението е дека видеото настанало со дозвола на родителите. Македонските медиуми, по пример на светските, не смеат да објавуваат материјали со деца, особено фотографии и видеа, без дозовла на родителите. Приватноста на децата е пропишана и со Етичкиот кодекс на новинарите. Децата имаат и загарантирано уставно право. Покрај тоа, оваа материја е уредена со меѓународните конвенции, Законот за правда за децата, и Насоките за професионално известување во онлајн медиумите.

Советот на етика во медиуммите (СЕММ) упати апел до сите што објавуваат слики, изјави и видеа на деца да размислат за пораката што сакаат да ја испратат со таа објава, како и за тоа кои се можните последици за детето, дали тоа е во негов најдобар интерес, особено ако се даваат лични податоци и ликот на детето.

Во таа насока реагираме по повод видеото кое последните 24 часа стана вирално во кое е прикажано дете  извидник, кое е отидено на планинарење преку извидничкиот одред во којшто членува. Доколку се објавува какво и да е видео со изјава на дете, препорачливо е ликот на детето да се замагли, да не се открива идентитетот, а во самиот пост да се каже која е целта за објавување на истото и притоа да се нагласи јасно дека постои согласност од детето и родителот/старателот дека се согласуваат истото  да биде објавено. Но воопшто пред да се објави што било за и од детето, мора самото дете да биде прашано дали може истото да се објави, препорачуваат од СЕММ.

СЕММ во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, изработи Препораки за етичко известување за млади и деца.

Меѓу препораките, дел од нив повикуваат на почитување и афирмирање на дигнитетот на младите, потоа да се известува на начин кој е ослободен од стереотипи и сензационализам, со почитување на приватноста и зачувувајќи ги честа и угледот на децата, да се усогласи уредувачката политика на медиумите во однос на потребите и најдобрите интереси на младите, да не се користат фотографии изјави и видео записи  од деца и млади без писмена согласност од родител/старател/институција-старател, да се замагли визуелниот идентитет и сликата на детето итн.

Медиумската писменост не се однесува само на новинарите туку на сите нас, реагираат од СЕММ.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

                


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1