ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/30/21 1:47 PM

Од црна до бела станува Брегалница – предизвикувачите неказнето ја бојат реката

Од бела до темно сина па и црна се менуваше бојата на водите на реката Брегалница во изминатите години.  Овие еколошки инциденти повремено го следеа и помор на риби, иако рибарите, кои секојдневно се на реката, велат дека за разлика од порано, последните години немало случај на сериозен помор на риби. Меѓутоа, ако овие помали еколошки инциденти во последните пет години биле над десетина, само еден случај дојде до суд. Во одговорот од Министерството за животна средина и просторно планирање по барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер пишува дека во периодот 2016 – 2020 година, единствен посериозен инцидент е тој со истекувањето на белата течност од дворот на компанијата „Техникал текстајл“ од Штип.

На 23 јуни 2020 година, во близина на некогашниот текстилен комбинат „Македонка“, реката сосема побелее. Невообичаената глетка на бела вода во коритото го предизвика вниманието на властите, кои се чини, прв пат организирано излегоа на терен. Брзо реагираше тогашниот градоначалник Благој Бочварски, кој излезе на терен и заедно со заменикот министер за екологија, Јани Макрадули го следеа текот на белата вода. Трагата ги однесе до канализациониот канал, од каде излегува отпадната вода од индустриската зона, вклучувајќи ја и ТИРЗ зоната. Немаше што да се скрие, особено што дворот на компанијата „Техникал текстајл“   бил целосно побелен. При преносот на течна хемикалија од цистерна до приклучокот за фабриката, дошло до пукање на цевката и речиси целата содржина се излеа во канализацијата, која потоа заврши во Брегалница. Уште при проектирањето на слободната индустриска зона за странски инвестиции, не се мислело на евентуални вакви ситуации и единствената одбрана од еколошки инцидент останала канализацијата. Сите капацитети, кои работат во оваа зона, од друга страна, не се обврзани да бараат еколошка дозвола, бидејќи се покриени со Законот за технолошко- индустриски зони.

Сепак, тоа не значи дека нема да одговараат доколку се случи инцидент, како тој со побелувањето на Брегалница.

На 23 и 24 јуни 2020 година е направен вонреден надзор и компанијата е задолжена да плати прекршочна казна од 3000 евра во денарска противвредност, поради тоа што министерството и инспекторатот не биле информирани од компанијата дека е настанат еколошкиот инцидент. За да не дојде до слични хаварии во иднина, на фабриката ѝ било укажано да изгради подземен резервоар и да преземе соодветни заштитни мерки.

Долги одлагања – судењето никако да почне

ОЈО Штип нареди земање на мостри за лабораториско испитување на речната вода од две места – од канализационен канал кај ТК „Македонка“, примерок од хемикалија од „Техникал текстајл“  и Безбедносен лист од идентификуваниот производ од цистерната. Лабораторијата АМБИКОН на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ги анализирала примероците, при што утврдила дека нема зголеми вредности на растворени јони и метали, но дека има значително зголемување на матноста. ОЈО покрена кривична постапка. Имаше две неуспешни обиди да започне судењето. Последното одложување се случи на 20 октомври 2021 година, кога беше приложена медицинска документација на одговорното лице  на “Техникал текстајл“ , извршниот директор Јенс Венгланд и судењето е одложено за 17 јануари 2022 година. Освен Венгланд, обвинето е и правното лице – „Техникал текстајл“ “ . За делото за кое им се суди, предвидена е казна од 100.000 евра.

-Обвинението е против управителот на правно лице за сторено кривично дело „Загадување на животната средина и природата“ од чл.218 ст.4 в.в. ст.1 од КЗ и правно лице за сторено кривично дело по чл.218 ст.6 в.в. ст.1 од КЗ, за настан случен на ден 23.06.2020 година во кругот на правното лице, лоциран во Штип, кога од небрежност можело да се предизвика значително оштетување на квалитетот на водата на реката Брегалница, и не се презеле мерки за заштита, поради што дошло до истекување на течна хемикалија и големо количество на биолошки неразградиви супстанци преку одводен канал, кое довело до заматување на водата на реката, соопштуваат од Основниот суд од Штип.

На рочиштето, на кое присуствувавме, адвокатот на Венгланд и „Техникал текстајл“ , Благој Христов од Скопје, приложи докази дека на Венгланд му е правена коронографија претходниот ден во Братислава, Словачка и поради тоа се бара ново одлагање, што судот му го овозможи во согласност со Обвинителството.

Година и пол по инцидентот, судењето никако да почне. Во време на инцидентот, од Општината Штип смируваа дека истекувањето на хемикалијата, нема последици по квалитетот на водата која ја пијат штипјани од бунарскиот систем, во чија близина беше инцидентот. Меѓутоа, Јавното обвинителство од Штип мисли поинаку, барајќи на компанијата да и’ се суди за делото „Загадување на животната средина и природата“.

Индустрија која не подлежи на еколошки закони

Во Студијата на случај за побелената Брегалница, Здружението на млади правници покренува неколку не докрај дефинирани прашања, но детектира непостапување по закон, па и законски недоречености. “Техникал текстајл“  нема еколошка дозвола, а нејасно е со што точно се занимава, за да се знае каков тип на дозвола е потребна. Студијата потсетува на одредбите од Законот за животната средина, кој определува дека сите инсталации кои имаат емисии штетни за животната средина и за животот и здравјето на луѓето, се должни да обезбедат Б-интегрирана еколошка дозвола.

„Б-интегрирана еколошка дозвола е задолжителна за инсталации за производство на стакло, вклучувајќи и стаклено влакно, со капацитет на топење од 1 т/ ден до 20 т/ден како и Инсталации за претходна обработка (операции како што се: миење, белење, мерцеризирање) или боење на влакна или на ткаенини“, предвидува Законот за животната средина.

И тука настапува законската колизија.

Според Општината Штип, Законот за слободните зони го уредува и ова прашање на начин што го покрива прашањето на еколошките дозволи, со тоа што со добивањето на дозвола за работа во зоната, компанијата е покриена со тој документ. А при тоа, никој не е задолжен да воспостави систем на одвод на индустриски води од зоната. Во случајот со слободната зона во Штип, Општината беше задолжена да обезбеди водовод и канализација и останата комунална инфраструктура. Како што констатира Студијата на случајот, ТИРЗ Штип нема пречистителна станица за индустриски отпадни води, а со истиот проблем се соочуваат и дополнителни три зони од вкупно активните осум во државата. Сепак потсетува:

„Општините имаат обврска за прочистување на отпадните води, па би можело да се заклучи дека општините се должни да воспостават систем за прочистување на отпадните води и во ТИРЗ. Иако Законот за водите им дозволува на општините да го воспостават овој систем најдоцна до 2023 година, сепак потребно е МЖСПП, како надлежен орган, да ја следи динамиката на спроведување на оваа обврска од општините и дали таа ефикасно може да се исполни во законскиот рок. Доколку МЖСПП утврди неспроведување на обврските на општините во оваа насока, потребно е да ги одземе нивните надлежности и за нивна сметка да воспостави и изгради ефикасен систем за пречистување на урбаните отпадни води“, заклучува Студијата.

 

Сторијата е дел од проектот ,,Утопија? Бистри води зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1